„Тетекс“ Тетово го затвори последниот погон, акционерите ќе одлучат за неговата иднина

Од синдикатот на „Тетекс“ се задоволни што 150 работници кои од денеска се надвор од погоните ќе бидат соодветно обештетени.

1304

Конкуренцијата од Кина, намалената рентабилност во работење поради ниските цени што ги барале странските партнери како и се помалиот интерес на младите да работат во текстилниот сектор се причина за затворање и на последниот погон во поранешниот текстилен гигант АД „Тодор Циповски-Мерџан“ од Тетово.

За конечната судбина на „Тетекс“ ќе одлучат акционерите на Акционерското собрание кое најверојатно ќе се одржи нардениот месец.

Од „Тетекс“ вчера на Македонска берза информираа дека погонот се затвора.

„Заради запазување на правата и интересите на акционерите и заради одржување и зголемување на вредноста на капиталот од една страна и грижа за вработените, зголемување на општествена одговорност и животната средина од друга страна, Тетекс АД Тетово во текот на месец февруари 2020 година ќе престане со производство на тешка конфекција и со максимално ангажирање и мобилизирање на  расположивите материјални и човечки ресурси во наредниот перод ќе се ориентира кон останатите и нови попрофитабилни дејности“, стои во образложението на компанијата објавено на Македонска берза.

„Тетекс“ работеше речиси 69 години работа, а последен се затвори погонот Конфекција. Пред една година поради нерентабилност беше затворен и погонот Трикотажа, а само пред еден месец и Ткајачница.

Во фабриката остануваат само околу 60 работници кои работат во магацинскиот, енергетскиот дел и во обезбедувањето кои треба да ги опслужат погоните кои се издадени под кирија на странски компании.

– Во овој дел не можеме рентабилно да работиме. Иако во изминативе три-четири години во Конфекцијата работиме само за извоз, работите не одеа добро. Странските фирми воопшто не ги интересираа нашите проблеми. Тие ни даваат нивни цени и ни велат ако сакаме да работиме по овие цени, во ред, ако не, ќе бараат други фирми со кои ќе работат – велат од раководството на „Тетекс“.

Од синдикатот на „Тетекс“ се задоволни што 150 работници кои од денеска се надвор од погоните ќе бидат соодветно обештетени.

– Работниците од денеска се под Агенцијата за вработување. Оние кои имаат над 25 години стаж, според последните измени на законот, ќе добиваат отпремнина од седум плати, а другите соодветно на работниот стаж. Работниците кои се пред пензија ќе добиваат надоместок за 18 месеци, а другите ќе бидат до една година, така што ниеден работник нема да остане необесштетен. Просечно зависно од платата и работното место што го имале работниците ќе добијат по околу 2.500 евра – вели Љупчо Радовски, претседател на синдикалната организација.

Тој, како што вели, очекува „Тетекс“ да продолжи да работи бидејќи веќе е подготвена програма за реструктуирање која предвидува можност за обнова на соработката со стртанските партнери, бидејќи сѐ уште има интерес за „Тетекс“. Тоа би значело евентуалното повторно стартување на производството. Но, сепак вели, треба тоа да го одлучат акционерите.

Најголем акционер на „Тетекс“ е Глигорие Гоговски долгогодишен прв човек на таа компанија кој долги години успешно ја водеше. Тој поседува поседува 12,76 отсто од акциите односно околу 52.850 акции со право на глас.

Освен Гоговски, според официјалната евиденција на ЦДХВ, таму акции поседуваат 1.156 домашни физички лица. Тие поседуваат 80,6 отсто од акциите.

Лани компанијата подели вкупно 950.770 евра дивиденда.

Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски Мерџан“ започна со производството во 1951. Беше еден од текстилните гиганти во поранешна СФРЈ . Во еден период од неговото постоење во него работеа околу 9.000 работници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...