ТЕСТ Проверете колку сте подложни на корупција!

Ова е Персонален тест за интегритет. Колеги новинари, тестирајте сте колку сте подложни на корупција. Одговорете на прашањата, соберете ги бодовите и видете го резултатот. На крајот на тестот, за тие што сакаат да го испечатат во А4 формат, линк до ПДФ верзија.

869
Проект „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“

ПЕРСОНАЛЕН ТЕСТ НА ИНТЕГРИТЕТ

проверка на личната подложност на корупциски притисоци


Дали сакате да проверите колку сте подложни на директни, но и на суптилни корупциски притисоци? Доколку сакате, одговорете на наведените 20 прашања.

Секој одговор е бодиран. Откако ќе одговорите на сите прашања, соберете го бројот на бодовите и потоа, според вкупниот број бодови, погледнете ги резултатот и препораките.

Тестот е анонимен, само за вас. Никому не мора да го покажувате. Тоа ви овозможува на прашањата да одговорите искрено, а со тоа и резултатот да биде поточен.

Имајте на ум дека секој човек е случај за себе. Подложноста на корупција многу често зависи од карактерот, од воспитувањето и од многу други фактори кои не можат лесно да се квантифицираат. Оттаму, овој тест треба да го разберете само како алатка што може да ви помогне да развиете свесност за најчестите облици на директна и прикриена корупција, искрено да се соочите со самите себе и да донесете заклучок колкав е вашиот персонален интегритет и отпорност кон корупциски притисоци.

Овој тест е наменет за новинарите и за другите медиумски работници, но лесно може да се прилагоди и за припадници на други професии.

ПРАШАЊА

1. Новинарската професија е:

o единствена професија од која живеам и не се занимавам со дополнителна работа во други професии.

0 бодови

o дополнителна професија со која се занимавам заради остварување дополнителни приходи или за самопромоција.

5 бодови

o професија со која се занимавам привремено, додека не најдам посоодветна.

10 бодови


2. Дали би го напуштиле новинарството, односно работата во медиумот, ако ви се пружи можност?

o Не, по никоја цена.

0 бодови

o Доколку ми се пружи добра прилика, подобра плата и подобар општествен статус, би размислил-а за тоа.

5 бодови

o Би ја искористил-а првата поволна прилика новинарството и медиумот да ги заменам со друга работа.

10 бодови

o Би ја променил-а професијата и работната средина дури и за помали примања, но за општествено поценета и поспокојна работа.

15 бодови

3. Дали сте задоволни од вашите месечни примања (плата, хонорар и слично)?

o моите примања се над моите очекувања.

5 бодови

o задоволен-на сум.

0 бодови

o не сум задоволен-на.

5 бодови

o воопшто не сум задоволен-на.

10 бодови


4.
Вашиот статус во медиумот е:

o вработен-а на неопределено време.

0 бодови

o вработен-а на определено време.

5 бодови

o хонорарно ангажиран-а.

10 бодови

5. Дали за вашата работа во медиумот или во врска со вршењето на вашата професија, добивате месечен или периодичен паричен надомест од било кого надвор од компанијата која е ваш работодавач?

o да, редовно добивам таков надомест.

30 бодови

o да, повремено добивам таков надомест.

20 бодови

o не, воопшто не добивам таков надомест.

0 бодови

6. Дали некогаш сте примиле поткуп, односно пари или други материјални и нематеријални добра и услуги, од лице кое не е ваш работодавач, а со цел тоа да оствари влијание врз вашето работење во медиумот?

o да, тоа ми се случило повеќе од 3 пати.

30 бодови

o да, тоа ми се случило, но не повеќе од 3 пати.

25 бодови

o да, тоа ми се случило само еднаш.

20 бодови

o не, тоа никогаш не ми се случило.

0 бодови

7. Дали некогаш сте примиле подарок како новинар и медиумски работник, од лице или друг субјект за чија работа известувате или со кого соработува вашиот медиум, во вредност повисока од една дваесеттина (1/20) од вашите месечни примања?

o да, тоа ми се случило повеќе од 3 пати.

15 бодови

o да, тоа ми се случило, но не повеќе од 3 пати.

10 бодови

o да, тоа ми се случило само еднаш.

5 бодови

o не, тоа никогаш не ми се случило.

0 бодови

8. Како се чувствувате кога изворот на информации, лице или друг субјект со кого соработувате, ви подарува подарок (за празник, во посебна пригода и слично), ви нуди некоја посебна привилегија или друг вид бесплатна услуга, во знак на благодарност за вашата соработка и како знак на внимание кон вас?

o се чувствувам непријатно и го одбивам подарокот или понудата.

0 бодови

o благодарен-на сум, но не чувствувам обврска ниту имам намера на било кој начин да возвратам на вниманието.

5 бодови

o благодарен-на сум и чувствувам обврска да возвратам на вниманието, но не на начин што ќе ја загрози мојата професионална етика.

10 бодови

o чувствувам силна обврска да возвратам со противуслуга, без оглед што тоа може да ја загрози мојата професионална етика.

20 бодови

9. Дали некогаш сте биле на службено патување, при што сите трошоци ги платил вашиот извор на информации, или лице или друг субјект со кого соработувате, без обврска да известувате, само како своевиден подарок?

o да, повеќе од 3 пати.

30 бодови

o да, но не повеќе од 3 пати.

20 бодови

o да, само еднаш.

10 бодови

o не, никогаш.

0 бодови

10. Дали некогаш сте биле на службено патување, при што сите трошоци ги платил вашиот извор на информации, или лице или друг субјект со кого соработувате, при што од вас се очекувало да известувате и вие сте известувале за одреден настан?

o да, повеќе од 3 пати.

15 бодови

o да, но не повеќе од 3 пати.

10 бодови

o да, само еднаш.

5 бодови

o не, никогаш.

0 бодови

11. Дали сметате дека е корупција кога новинар или медиумски работник патува на сметка на изворот на информации, или на друго лице или субјект со кого соработува во вршењето на својата професија?

o не, во никој случај не е корупција.

10 бодови

o не е корупција ако новинарот известува и тоа го прави професионално.

5 бодови

o корупција е ако патувањето е само подарок, при што новинарот или медиумскиот работник нема обврска да известува.

0 бодови

12. Дали сопствениците или менаџментот на медиумот во кој работите ви нудат да обезбедувате реклами и пи-ар објави за определен надомест (процент) и на кој начин вие реагирате?

o не, не ми се нуди такво нешто.

0 бодови

o да, имам понуда да обезбедувам реклами и пи-ар објави за одреден процент, но јас не ја прифаќам таквата понуда.

5 бодови

o да, имам понуда да обезбедувам реклами и пи-ар објави за одреден процент и сметам дека тоа е коректна понуда, бидејќи значи помош за медиумот, иако лично не сум во позиција често да заработувам и на тој начин.

10 бодови

o да, имам понуда да обезбедувам реклами и пи-ар објави за одреден процент и ја прифаќам, бидејќи успевам да го правам тоа и на тој начин му помагам и на медиумот и ги зголемувам своите примања.

20 бодови

13. Дали сопствениците или менаџментот на медиумот во кој работите, спротивно на етичките стандарди на професијата, од вас бараат некритички да пишувате или на било кој друг начин да учествувате во креирање на содржини со кои се фаворизира одредена компанија, политичка партија или друг субјект, или обратно, неумерено и тенденциозно се критикуваат и напаѓаат други субјекти?

o не, тоа од мене не се бара.

0 бодови

o да,тоа од мене се бара понекогаш и тоа се објаснува како потреба медиумот во кој работам да добие соодветна финансиска или друга поддршка.

5 бодови

o да, тоа од мене се бара редовно и тоа се објаснува како уредувачка политика на медиумот, без оглед што тоа е спротивно на етичките стандарди на новинарската професија.

10 бодови

o да, тоа од мене се бара редовно и јас сметам дека тоа е нормално, бидејќи без оглед на новинарската етика, сопственикот и менаџментот имаат право да фаворизираат или да напаѓаат компании, политички партии и други субјекти, ако е тоа во интерес на опстанокот и на профитабилноста на медиумот.

20 бодови

14. Како ќе реагирате ако ваш роднина, пријател или лице кон кое сте приврзани на било кој начин, ве замоли за услуга да креирате и да објавите содржина која е пофална за него или за неговата компанија, политичка партија или друг субјект?

o ќе го одбијам без двоумење и ќе му објаснам зошто неговото барање е неприфатливо.

0 бодови

o ќе го проследам неговото барање до уредништвото и до менаџментот и ќе им препуштам тие да донесат одлука.

10 бодови

o во рамките на моите можности ќе му направам услуга, но при тоа ништо нема да побарам за возврат.

20 бодови

o во рамките на моите можности ќе му направам услуга, но за возврат ќе побарам соодветна награда.

30 бодови

15. Дали сте во брачна, роднинска или емотивна врска со лице кое е извор на информации, или има било какво одлучувачко влијание во компанија, политичка партија или друг субјект, за кого вашиот медиум известува или со кого вашиот медиум соработува?

o не, немам такви односи со никого.

0 бодови

o да, имам таква врска и за тоа сум ги известил моите претпоставени и колегите, со цел мојата врска да се третира како конфликт на интереси и да не ми се доделуваат било какви задачи коишто ќе подразбираат потреба да комуницирам со таа личност.

5 бодови

o да, имам таква врска и за тоа не сум известил никого, бидејќи мислам дека тоа не ја засега мојата работа.

10 бодови

o да, имам таква врска и ја користам да дојдам до ексклузивни информации, како и да воспоставам релации кои ќе ми помогнат подобро да ја извршувам мојата работа.

20 бодови

o да, имам таква врска и за тоа сум ги известил моите претпоставени, за да воспоставам контакти меѓу нив и на мене блиското лице, со цел да се оствари деловна или друга соработка и од негов интерес и од интерес на медиумот.

30 бодови

16. Дали во вашата работна средина се разговара за методите на директна и суптилна корупција и за можностите за справување со неа?

o не, воопшто не се разговара за тоа прашање.

15 бодови

o да, се разговара, но ретко и без никакви заклучоци и решенија.

10 бодови

o да, се разговара често за тоа прашање, но не се предлагаат решенија за спречување на корупцијата.

5 бодови

o да, се разговара често за корупцијата и се воспоставуваат практики таа да се пријавува и да се спречува.

0 бодови

17. Дали кога сте или кога би биле подложни на корупциски притисок од било каков вид, би се чувствувале комотни тоа да го споделите со вашите колеги, со уредништво и со менаџментот, или со сопственикот на медиумот?

o да, и очекувам помош и поддршка од средината.

0 бодови

o да, но не очекувам никаква посебна реакција.

5 бодови

o не сум сигурен-на дали треба тоа да го споделам во мојата работна средина.

10 бодови

o не, нема тоа да го споделам, бидејќи се плашам од негативни последици за мене.

20 бодови

18. Дали кога сте или кога би биле подложни на корупциски притисок од било каков вид, би се чувствувале комотни случајот да го пријавите во едно од новинарските здруженија во кое имате најголема доверба?

o да.

0 бодови

o не сум сигурен дали би го пријавил случајот во новинарско здружение.

10 бодови

o не, не би пријавила-а во новинарско здружение, бидејќи сметам дека со тоа не би постигнал-а ништо конкретно и позитивно за мене.

 20 бодови

19. Дали кога сте или кога би биле подложни на корупциски притисок од било каков вид, а при тоа би располагале и со соодветни докази, би се осмелиле случајот да го пријавите кај органите на прогонот, во полиција или кај јавниот обвинител?

o да.

0 бодови

o не знам.

10 бодови

o не.

20 бодови

20. Дали кога сте или кога би биле подложни на корупциски притисок од било каков вид, а при тоа би располагале и со соодветни докази, би се осмелиле случајот јавно да го соопштите, односно дали би се согласиле за случајот да се пишува и да се говори јавно, во медиумите?

o да.

0 бодови

o не знам.

5 бодови

o не.

10 бодови

А сега, малку математика. Соберете ги бодовите на вашите одговори и според бодовно салдо, побарајте го вашиот профил за подложност на корупција.


РЕЗУЛТАТИ

Од 0 до 120 бодови

Нема човек кој не е подложен на директна или суптила корупција. Ако имате 0 бодови, вие сте „супермен“. Ако вашите искрени одговори не го надминуваат салдото од 120 бодови, можете да сметате дека сте медиумски работник со високо ниво на персонален интегритет и отпорност на корупциски притисоци. Ви советуваме сепак да обрнете внимание на одговорите што носат повеќе бодови, бидејќи таму некаде се кријат вашите потенцијалните слабости. Развијте ја свесноста за нив, потпирајќи се на вашите силни страни.

Од 121 до 260 бодови

Ова бодовно салдо покажува средно ниво на подложност на корупција, што е добра вест – кај вас очигледно постојат големи потенцијали да го зајакнете вашиот персонален интегритет. Смислата на овој тест е и развивање на свесноста за одредени облици на корупција кои кај нас се сметаат за „нормално“ поведение во медиумите. Врз основа на вашите одговори, обидете се да ги пронајдете вашите силни, но и вашите слаби страни. Тоа, се разбира, зависи и од вашата работна средина и од општите состојби, но сепак најдете во себе мотив да станете подобри.

Од 261 до 380 бодови

Високото бодовно салдо сигнализира висок степен на подложност на корупција. Вашата искреност покажува дека досега веројатно сте биле подложни на некои видови директна или суптилна корупција. Можно е да станува збор и за недостиг на свесност дека некои ваши поведенија и ставови се причини за тоа. Посебно обрнете внимание на одговорите кои ви донеле 20 или 30 бодови – тоа се прашања за кои треба сериозно да размислите. Не се обесхрабрувајте, обидете се на нештата да погледнете од еден друг агол. Следењето на високите етички и професионални стандарди носи чувство на лична сигурност, одговорност и реализираност во професијата.

ДОКОЛКУ САКАТЕ ОВОЈ ТЕСТ ДА ГО ОТПЕЧАТИТЕ ВО А4 ФОРМАТ, ПРЕЗЕМЕТЕ ГО ПДФ-ФАЈЛОТ ТУКА.

Персонален тест на интегритет

Овој проект е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...