Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Шпион” и „Насилство во општина Центар”.
Во случајот „Шпион“ кој е од 2013 година, осудени се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје.
Минатото рочиште за „Шпион” беше одложено поради оправдано отсуство на Туше Гошев, еден од адвокатите на обвинетите.
Предметот „Шпион“ сега го застапува Специјалното јавно обвинителство, откако го презеде од редовното обвинителство. Апелацискиот суд лани ги ублажи казните на обвинетите и ја преиначи првостепената одлука на Кривичниот суд.
На денешното рочиште за „Насилство во општина Центар“ исказ треба да дадат двајца сведоци.
Обвинетите во овој случај, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.