Тендер за претседателски глас

Oдлучив овој пат моето уставно право да учествувам во власта (директно или индиректно) да го пренесам на оној кандидат кој ќе исполни три битни услови.

1333

Тендерите се во тренд во оваа нашава држава, па реков ај и јас да распишам еден. Предмет на овој тендер е мојот глас за претстојните претседателски избори, право кое ми припаѓа според Уставот на Република Македонија, како и на секој нејзин граѓанин.

Поучен од досегашното не баш позитивно искуство со изборот на прв човек на државата, одлучив овој пат моето уставно право да учествувам во власта (директно или индиректно) да го пренесам на оној кандидат кој ќе исполни три битни услови.

И тоа:

Првиот услов е кандидатот за претседател да понуди конкретна програма и визија како ќе ја остварува функцијата и кои конкретни мерки и активности ќе ги преземе на внатрешен и надворешен план. Програмата мора да биде јасна и концизна, во согласност со Уставот и законските надлежности, без нереални или демагошки ветувања. Кандидатот е должен да има јасни ставови за неговата активност за безбедноста на земјата, политичките состојби, меѓуетничките односи, правата и слободите на граѓаните, економските состојби, а на надворешно-политички план, за односите со соседите, на Балканот и другите земји во светот (особено кон големите сили), за членството на Македонија во ЕУ, НАТО и во други меѓународни организации, како и за положбата на нашите сонародници во странските држави.

Вториот услов е кандидатот да понуди јавна листа на функционери, со имиња и презимиња и биографии, кои ќе ги именува или предложи за носители на јавни функции кои произлегуваат од неговите уставни и законски надлежности: началник на Генералштабот на АРМ, директор на Агенцијата за разузнавање, двајца членови во Советот за безбедност на РМ, двајца членови на Уставниот суд, претседатели на Комисиите за помилување и одликувања, шеф на Кабинет, советници, како и листа од најмалку десет личности кои ќе ги предложи за амбасадори на Македонија во странски земји и во меѓународни организации.

Третиот услов е кандидатот јавно да го објави финансискиот план за неговата изборна кампања, со детални податоци за изворите на финансирање и приближните трошоци за кампањата.

Трите услови ги пропишувам кумулативно, што значи дека неисполнувањето на еден од нив ќе значи автоматска елиминација од трката за мојот ценет глас!

Одлуката ќе биде моја и јавно соопштена!

Повелете кандидати!

(ФБ статус на авторот)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...