Телото на „Холивудскиот Супермен“ најдено во контејнер ВИДЕО

Актерот последниве години минувал низ тежок период и живеел како бездомник.

2096

Американскиот актер Кристофер Денис е пронајден мртов во контејнер во Сан Фернандо, место во близина на Лос Анџелес, пишува американскиот портал ТМЗ. Кристофер повеќе од дваесет години работел како уличен забавувач.

52-годишниот актер помина 30 години глумејќи го Супермен на булеварот „Холивуд“, каде што се фотографираше со туристи. Тој се прослави со неговата голема сличност со актерот Кристофер Рив кој го отелотвори легендарниот Супермен.

Кристофер одамна се повлекол од светот на глумата, а повеќе од 20 години во костимот на Супермен ги забавувал туристите и минувачите на Патеката на славните. За него е снимен и документарец и бил еден од главните соговорници во филмот „Исповедта на суперхеројот“ во 2007 година.

Денис бил пронајден мртов во саботата наутро во долината Сан Фернандо во контејнер за смет. Полицијата потврди дека неговата смрт не е сомнителна, но е покрената истрага за да се открие што се случило.

Животот не го галел Кристофер Денис. Додека бил познат како Супермен од Патеката на славните доживеал грабеж и напад, поради кои се здобил со големи повреди кои го онеспособиле за работење.

Последните години бил бездомник, а животот му завршил трагично.
– Додека бев бездомник, еден од нас бездомниците ме претепа, ми ја украде облеката и ме остави да умрам. Се чувствував мртов, бев без работа, ги изгубив своето достоинство и гордост. Следното што го направив беше просење на улица. Морав нешто да направам – раскажал порано Денис за „Гардијан“.

Неговото безживотно тело било пронајдено во саботата во контејнерот за собирање облека за бездомници. Полицијата соопштила дека постои можност дека пребарувал по контејнерот во намера да пронајде потопла облека.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...