Лани телевизиските куќи и радијата забележале пад на приходи што е постојан тренд од 2015 година, покажува Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година подготвена од Агенцијата за медиуми.
Во споредба со претходната година, приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,44 отсто, на комерцијалните телевизии кои емитуваат програма преку дигитален терестријален мултиплекс за 4,52 отсто, а на комерцијалните радиостаници за 3,60 отсто.
Во споредба со 2017 година, освен ТВ Алфа, чии приходи се повисоки за 35,45 отсто, останатите четири телевизии бележат опаѓање на приходите во однос на претходната година, и тоа: ТВ Алсат-М за 1,07 отсто, ТВ Сител за 4,29 отсто, ТВ Телма за 4,35 отсто и ТВ Канал 5 за 8,51 отсто.
Дури 92 отсто од вкупните приходи на петте национални комерцијални телевизии се остварени од продажба на времето за рекламирање и телешопинг.
Приходите од реклами коишто заедно ги оствариле сите радиодифузери изнесувале 1,35 милијарди денари, и во споредба со претходната година, бележат пад за 2,71 отсто. Од нив 34,33 милиони денари биле приходите на Македонската радио-телевизија, 1,2 милијарди денари на комерцијалните телевизии и 107 милиони денари на комерцијалните радиостаници.
Од анализата може да се види дека приходите од реклами биле речиси единствен извор на приход на три телевизии, и тоа на: ТВ Алсат-М, која од рекламирање остварила 92 отсто од вкупните приходи, ТВ Канал 5 – 93,8 отсто и ТВ Сител – 96 отсто. Приходите од рекламирање што ги остварила ТВ Алфа претставувале 87,6 отсто од вкупните приходи на оваа телевизија, а приходите на ТВ Телма – 83,2 отсто .
Најатрактивна телевизија за огласувачите била ТВ Сител, која остварила највисоки приходи од реклами (416 милиони денари). Приходот на ТВ Канал 5 изнесувал 176 милиони денари, а на ТВ Алсат-М 144 милиони денари. ТВ Алфа и ТВ Телма оствариле приближно ист износ (124 милиони денари, односно 120 милиони денари).
Во овие износи се вклучени и приходите од емитување јавна пропаганда за време на референдумот. Петте телевизии по овој основ заеднички оствариле 26,50 милиони денари, од кои најмногу ТВ Сител (7,25 милиони денари), а најмалку ТВ Алфа (1,60 милиони денари). Приходот на ТВ Алсат-М по овој основ изнесувал 6,59 милиони денари, на ТВ Телма 5,60 милиони денари и на ТВ Канал 5 – 5,46 милиони денари.
Вкупните приходи пак на телевизиите кои емитуваат програма на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа (ТВ Компани 21-М, ТВ Шења, ТВ Арт Чаннел и 1 ТВ) лани изнесувале 100,45 милиони денари, што претставува 7,40 отсто од приходите на комерцијалните телевизии.Највисоки вкупни приходи од овие телевизии прикажала 1ТВ (39,23 милиони денари).
Главен извор на приход и на овие четири телевизии бил приходот од реклами и телешопинг, кој изнесувал 78,20 милиони денари.
Најмногу приходи од рекламирање прикажала 1 ТВ (33,94 милиони денари), а најмалку ТВ Клан (2,12 милиони денари). ТВ Компани 21-М остварила 27,03 милиони денари приходи од реклами, а ТВ Шења 15,10 милиони денари.
Јавна пропаганда за време на референдумот емитувале сите четири телевизии, при што ТВ Компани 21-М остварила 5,03 милиони денари, 1 ТВ – 3,94 милиони денари, ТВ Шења – 1,04 милиони денари, а ТВ Клан – 1,38 милиони денари.
Во анализираната година трошоците на овој сегмент на телевизискиот пазар изнесувале 145,59 милиони денари, а нивното учество во вкупните трошоци на комерцијалните телевизии изнесувало 10,26 отсто.
Најмногу средства потрошила ТВ Компани 21-М (76,58 милиони денари), а најмалку ТВ Клан (13,76 милиони денари).
1ТВ остварила добивка во износ од 1,55 милиони денари, а ТВ Клан 0,66 милиони денари, додека со загуба работеле ТВ Шења и ТВ Компани 21-М.
На почетокот од 2018 година, радиопрограма на државно ниво емитуваа четири радиостаници (РА Антена 5, РА Канал 77, РА Метрополис и РА Слободна Македонија).
Во мај 2018 година, поради неисполнување на минималните кадровски услови, Агенцијата ја одзеде дозволата на радиостаницата Слободна Македонија.
Вкупните приходи коишто заедно ги оствариле РА Антена 5, РА Канал 77 и РА Метрополис изнесувале 54,98 милиони денари, што претставува 38 отсто од приходите на комерцијалните радиостаници.
Највисоки приходи остварила РА Канал 77 (25,71 милион денари), а приходите на РА Антена 5 изнесувале 23,83 милиони денари. РА Метрополис прикажала забележително пониски приходи од нив (5,43 милиони денари).
Во споредба со претходната година, повисоки приходи оствариле РА Канал 77 (за 0,67 милиони денари) и РА Метрополис (за 1,46 милиони денари). Радиостаницата Антена 5 остварила помалку приходи отколку во 2017 година, и тоа за 0,99 милиони денари.
Приходот од продажба на времето за рекламирање бил главен извор на приходи за РА Антена 5 и за РА Метрополис. Средствата кои ги остварила РА Антена 5 по тој основ изнесувале 23,6 милиони денари, а приходот на РА Метрополис бил 5,3 милиони денари. Приходот од реклами на РА Канал 77 изнесувал 3,9 милиони денари.
Од емитување јавна пропаганда за време на референдумот приход оствариле само РА Канал 77 (0,81 милион денари) и РА Метрополис (0,06 милиони денари).
Трошоците на овие три радиостаници во 2018 година изнесувале 53,75 милиони денари. Нивното учество во трошоците на комерцијалните радиостаници изнесувало 36,5 отсто. Во 2018 година РА Антена 5 и РА Метрополис потрошиле помалку средства отколку во претходната година за 4,2 отсто, односно 7,8 отсто, а РА Канал 77 ги зголемила трошоците за 1,8 отсто.
Трошоците кои заедно ги направиле сите радиодифузери во 2018 година изнесувале 2,54 милијарди денари, од кои 971 милиони денари биле трошоците на Македонската радио-телевизија, 1,42 милијарди денари на комерцијалните телевизии и 147 милиони денари на комерцијалните радиостаници.
На крајот на годината, финансискиот резулат од работењето на сите три сегменти на индустријата – јавниот сервис и комерцијалните телевизии и радија бил негативен, односно загуба во износ од 96,91 милиони денари.
Македонската радио-телевизија за прв пат по пет години прикажала загуба од работењето во висина од 26 милиони денари.
Петте национални телевизии оствариле добивка во износ од 32,70 милиони денари. Освен ТВ Телма која работела со загуба и остварила негативен финансиски резултат од 21,48 милиони денари, останатите четири телевизии прикажале добивка, и тоа: ТВ Алфа – 29,86 милиони денари, ТВ Алсат-М – 5,36 милиони денари, ТВ Канал 5 – 0,28 милиони денари и ТВ Сител 18,68 милиони денари.