Еден од најпознатите македонски млади Јутјубери Марко Марковиќ, кој има 95.000 следбеници, вели дека недостатокот на содржини за млади е една од главните причини поради кои тие се почесто го користат интернетот и социјалните мрежи како извор на информации, а ги отфрлаат традиционалните медиуми како телевизијата, и особено радиото и весниците.
– Забележувам дека Youtube и за себе и за младите во моментов е главен извор на забава кај младите од пет до 20 години. Најголемата причина што овие социјални мрежи доминираат и она отуѓување на младите од традиционалните медиуми сметам дека се должи на повеќе фактори, како што се брзината на информациите… Наутро некој ќе стане и во пижами ги има најновите информации на својот телефон што можеби се случиле во странство, кај нас…Потоа преку Youtube може во секое време да гледа забавен тип содржина дали од странски или кај нас што се појави – истакна Марковиќ на панел дискусија „Младите и медиумите”, во организација на Коалиција на младински организации СЕГА во рамки на Неделата на граѓански организации поддржана од УСАИД.
На македонските телевизии, вели тој, емисии за млади воопшто нема или ако има кога младите спијат.
– Пет години сум без телевизор во соба. Мислам дека турските серии најмногу ја уништија телевизијата. Ако се гледа од профитната страна, сите гледаа да имаат најмногу публика, а не гледаа која публика е таа. Е сега кога ги изгубија младите се зборува за тоа зошто младите не гледаат телевизијата – посочи Марковиќ.
Ставањето видеа на Youtube од страна на младите во Македонија, како што кажа тој, се развило во последните две години, иако во светски рамки тоа било популарно десетина години.
– Youtube е платформа каде што секој обичен човек може да објавува видеа и да го каже своето мислење. Некој од тие обични луѓе ќе се истакнат дали со нивниот шарм или со нивните вештини во некоја област и ќе соберат публика што ќе ги следи. И кај нас има јутјубери, но се бројат на прсти, ама ги следат голем дел од младите – раскажа Марковиќ.
Некои од луѓето снимаат како го поминуваат денот, а тој, како што кажа, е фокусиран на коментирање на видео игри.
– Тука спаѓаат видео игрите што на младите им е најинтересно и затоа можеби и ме следат – вели Марковиќ.
Ставовите на Марковиќ генерално се совпаѓаат и со истражувањето што го направи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според ова истражување, дури 47 отсто од граѓаните сметаат дека во телевизиските програми многу ретко се зборува се зборува за проблемите на младите од 15 до 29 години или пак тие учествуваат во програмите, и многу ретко се претставуваат како активни или заинтересирани граѓани.
Сашо Богдановски на денешната панел дискусија рече дека младите претставуваат единствена категорија според возраста за која интернетот е најзначаен извор за информирање. Сите други возрасни групи најчесто се информираат од телевизијата. Младите, посочи тој, скоро никогаш не се информираат од печатот или од радиото.
Професорката Викторија Кафеџиска од Факултетот за правни науки, Европски Универзитет Скопје истакна дека медиумите во голема мера влијаат врз младите, особено врз формирањето на јавното мислење.
– Оттука е неопходно да се слушне што младите сакаат да видат, прочитаат и да слушнат – рече таа.
На панел дискусијата се дискутираше за застапеноста на содржини наменети за млади на националните телевизии и радио станици, вестите и забавните содржини за млади, јазикот на кој тие содржини се споделуваат во јавност. Посебен дел од диксусијата беше посветен на предизвиците со кои се соочуваат младите на интернет, вклучувајќи закани по безбедноста, недостаток на приватност и изложеност на насилни содржини на интернет.