Со 18 милиони евра на годишно ниво може да се обезбедат поголеми плати за текстилните работници и значително да ѝ се помогне на текстилната индустрија која е во многу лоша состојба, порачаа денеска од Кластерот за текстил и од Организацијата на работодавачи.
– Нето минималната плата е 12.000 денари, а бруто минимална плата е околу 17.200 денари, при што придонесите се околу 4.600 денари. Предлагаме, 50 проценти од износот за придонесите, или околу 2.300 денари, да ги уплатува државата во Фондот за здравство и во Фондот за пензиско осигурување, но нас, како на работодавачи, да не ни се намалат расходите, туку тие пари да одат директно кај работниците – рече Маријана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, минатата недела рече дека за субвенционирање на придонеси не се размислува затоа што државата донесе мерка за помош на текстилната индустрија. Мерката е субвенционирање во износ од 30 проценти на секое зголемување на платите над 12.000 денари, а до 18.000 денари.
Но, од Кластерот велат дека не ја сакаат оваа мерка затоа што таа нема да донесе ништо, ниту за работниците, ниту за работодавачите.
– Тоа значи дека ако ние зголемиме плата на некој работник од 12.000 денари на 18.000 денари, за разликата од 6.000 денари, државата ќе ни даде 1.800 денари. Ние не можеме да поднесеме вакво зголемување на платите. Оваа мерка е како онаа за субвенционирање на минималната плата, што според обемот на искористенопста се покажа како сосема неуспешна – вели Перковска.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи изјави дека е катастрофа ако наменетите пари за текстилците во Буџетот пропаднат.
– Видовме дека парите за минимална плата останаа неискористени. Најавената нова мерка за субвенционирање на 30 отсто од повисоките плати се уште не е помината на Влада. Кога ќе се искористат тие пари воопшто? Од друга страна, таму има многу голема административна процедура, исто како и кај субвенциите за минимална плата – рече Димитров.
Просечната плата во секторот производство на облека е околу 17.000 денари. Овој сектор се соочува со недостиг на работници, а според тврдењата на текстилните менаџери, и со недостиг на скап производ за странски пазари. Производството на облека во првите четири месеци од годинава е 4 проценти помало од истиот период лани.
Димитров: Владата да ги забрза реформите во економијата
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, и порача на Владата да ги забрза реформите во економијата.
– Ние ги разбираме проблемите што постојат, разбираме дека Владата троши преголема енергија на името, но реформите во економијата мора да се забрзаат. Мерките за економски раст беа промовирани лани во август, а дури сега се донесе законот. Но каде се подзаконските акти, каде се правилниците? Значи мерките пак не може да се спроведат – рече Димитров.
Тој оцени дека оваа Влада, за разлика од претходната, оди во друга крајност.
– Ако онаа воопшто не не прашуваше за ништо, оваа сега предолго се консултира, а времето поминува – рече Димитров.
Весна Дамчевска, „Слободен печат“