Тевдовски: 35 милиони долари за нови детски градинки

150

Нови проекти од областа на социјалата, инфраструктурата и поддршка на малите и средни претпријатија во фокус на Пролетните средбите на македонската делегација во Вашингтон. Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој заедно со гувернерот Богов е на чело на делегацијата, се зборувало за нов голем проект од областа на социјалата, со кој ќе се обезбедат средства за изградба и реновирање на детски градинки, како и подобро таргетирање на социјалната помош.

-Во областа на социјалниот сектор зборувавме за еден поголем проект со Светска банка, во износ од 35 милиони долари, за поголем опфат на децата од предучилишна возраст. Станува збор, пред се изградба и реновирање на детски градинки и подобро таргетирање на социјалната помош. Втор проект која е важен и кој како идна соработка го договараме со Светска банка е Проктот за подобрување и олеснување на транспортот и трговијата во регионот, кој би се направил на регионално ниво- истакна министерот за финансии Тевдовски во изјава за Гласот на Америка.

Тевдовски посочи дека во понапредна фаза се и преговорите за кредитната линија евтини кредити за малите и средни претпријатија во износ од 100 милиони евра, за која станало збор на состаноците со Европската инвестициска банка. Оваа кредитна линија би се пласирала преку Македонската банка за поддршка на развојот. Таа би имала за цел да ги намали каматните стапки, да им даде на малите и средни претпријатија поевтини кредити за тие да можат да инвестираат и да ја движат економијата, посочи Тевдовски.

Како што истакнаа и министерот за финансии и гувернерот Богов инвестициите се клучни за заживување на македонската економија.

-Клучно е враќањето на довербата. Доколку бизнисите веруваат во македонската економија, веруваат во позитивните движења – а веќе има елементи кои треба да го поткрепат тој оптимизам, тогаш можеме да сметаме на позасилена инвестициска активност, која ќе биде клучна за остварување на стапката на економски раст – изјави гувернерот Богов.

Министерот за финансии Тевдовски посочи дека по негативниот раст во првата половина во 2017 година, се забележува раздвижување на македонската економија и позитивни економски резултати.

-Сите економски индикатори од првите месеци од 2018 година укажуваат на позитивни движења во економијата, како индустриското производство, кое има раст од 5,6% и извозот каде има сериозен раст од 24%. Раздвижена е кредитната активност, дури и кај претпријатијата, додека порано главно беше кај домаќинствата. Приходите од даноци, кои покажуваат каква е потрошувачката, се на солидно ниво. Тоа значи дека економија оди во вистинска насока – вели Тевдовски.

Богов посочи дека директни импликации за македонската економија нема да има од конфронтациите преку протекционизмот помеѓу светските економски велесили.

-Доста се говори за оној протекционизам кој е присутен во конфронтациите меѓу светските економски велесили. Тоа може да го засени оној оптимизам кој владее околу растот во светската економија, а циклусот е многу позитивен, целата светска економија е во пораст. Но тие трговски бариери може да предизвикаат одредена економска штета, кај некој од нашите главни трговски партнери, пред се Европската унија. Доколку ЕУ е погодена и растот таму страда поради тоа, може тоа да се одрази во одередена мерка, преку побарувачката и за нашите производи. Директни импликации не би очекувале, бидејќи сепак сме мала економија-рече Богов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...