Поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски е предложен за независен член на Надзорен одбор на Универзална Инвестициона Банка АД Скопје (УНИБанка).
Информацијата Банката ја објави на сајтот на Македонска берза.
Именувањето на Тевдовски за член на Надзорниот одбор е поставено на дневен ред на претстојното Собрание на акционери на Банката закажано за 30 декември. По неговиот избор треба да завршат и процедурите за добивање согласност од гувернерката на Народната банка.
Мандатот на Тевдовски како надворешен член на Надзорниот одбор ќе биде четири години.
Во Надзорниот одбор на банката членови се: Светозар Александров Попов кој е претседател, Ралица Иванова Богоева, негов заменик, како и Јанко Ангелов Караколев, Константин Илијчов. Независни членови на Надзорниот одбор се Пеце Недановски и Николај Сергеевич Драгомирецки.
Драган Тевдовски беше избран за министер за финанси по последните парламентарни избори во 2017 година, но поради одредени несогласувања во Владата, тој беше разрешен во јуни годинава, а на негово место е поставена Нина Ангеловска.
Тевдовски промотор на правичниот даночен систем и воведувањето на прогресивниот данок.