Со плата како министер не можам да обезбедам моите деца да одат во приватно школо, а што е со огромниот број луѓе кои имаат многу пониска плата од министерската, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски, појаснувајќи ја потребата од воведувањето на прогресивното оданочување кај персоналниот данок пред денешната средба со бизнисмените членови на Стопанската комора.
-Тоа значи дека мора да воведеме праведно оданочување за идните генерации да имаат повисок животен стандард. Ако не правиме корективни мерки децата можеби ќе имаат полоши услови од нивните родители – рече Тевдовски.
Тевдовски рече дека во развиените, просперитетни земји дури се бараат уште повисоки даноци за најмоќните, најбогатите граѓани за да се обезбедат што повеќе пари за здравство, образование, подобри услуги и намалување на сиромаштијата.