Тајното гласање за уставни измени во Собранието е невозможно да се спроведе затоа што тоа би значело прекршување на законската процедура, која е непожелно да се поттикнува во сегашната постреферендумска криза, велат извори во Собранието за Плусинфо, откако во јавноста беше пласирана тезата дека е можна таква опција за да се направи терен, две третини од пратениците да гласаат за измените на Уставот.
Вакво сценарио прв во јавноста спомена вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој рече дека, евентуална опција за продолжување на процесот би било тајно гласање на пратениците, затоа што со самиот повик на бојкот не била гарантирана тајноста на референдумот, а пратениците што гласаа добиваа закани.
Ако успее владејачката коалиција со 71 пратеник, да убеди уште девет пратеници да кренат два прста за уставните измени за да се добијат потребните 80 гласови од вкупно 120 пратеници, преку тајното гласање ќе им се гарантира безбедноста на оние пратеници од опозицијата кои можеби би сакале да го поддржат евроинтеграцискиот процес на државата, ама поради жестоките напади и закани не се осмелуваат да се изјаснат јавно „за“. Ваквите калкулации, пак, велат извори во ВМРО-ДПМНЕ, се само пуста и неостварлива желба на власта, зашто тврдат дека најголем дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснила против уставни измени, а партијата, не отстапила од ставот дека референдум со излезност од 36,91 отсто, е неусешен.
Собраниски извори за Плусинфо велат дека засега не се разгледува опцијата со гласање зад параван да се донесат уставните измени и сметаат дека тоа би било „долевање масло на огнот“, ако се има предвид дека Деловникот многу прецизно во членот 4 пропишува во какви ситуации се применува тајно гласање во Собранието. Дознаваме дека и во консултации со правни експерти, било препорачано да не се влегува во таков ризик, не само поради тоа што, во јавноста тоа би поттикнало многу негативни реакции дека насила и зад затворени врати се турка промена на Уставот, туку и поради сложеноста на процедурата. За предвидените уставни промени, пратениците ќе треба да гласаат неколку пати вклучувајќи го изјаснувањето за иницијативата за уставни промени до изгласувањето на сите четири амандмани. Станува збор за процедура во која тешко може да се обезбеди гаранција дека ќе биде поддржана во сите фази од сите пратеници, што евентуално би се согласиле да дадат поддршка за да продолжи интеграцискиот процес.
Деловникот (член 4) вели дека Собранието за сите прашања одлучува со јавно гласање. Парламентот може да одлучи гласањето да биде тајно по предлог на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат десет пратеници, но само за избори, именувања или разрешувања на носители на јавни и други функции.
Токму поради вака експллицитно кажаниот член во Деловникот, велат нашите извори, е тешко да се спроведе тајно гасање за уставните измени според преспанскиот договор.
Претходно објавивме дека највисоките партиски тела на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги разгледуваат можните сценарија за излез од референдумскиот ќорсокак, а вечерва се најавени седници на извршните комитети на двете партии. За утре ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе заседава и Централниот комитет, така што до крајот на неделава се очекува да бидат познати следните чекори, но висок партиски функционер од СДСМ, денеска за Плусинфо, потврди дека за сценариото предвремени избори има најголемо расположение во партијата.