Тајните снимки за Кичеец сега Русковска ги прикажува јавно

7630

Денешното рочиште за предметот „Рекет“ ќе биде јавно и покрај тоа што Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе презентира докази добиени со тајно снимање. Ваквата одлука била донесена поради тоа што во доказниот материјал немало приватни разговори.

ПИ-мерките ги презентира обвинителката Вилма Русковска која во моментов кажува дека Зоран Милевски-Кичеец со возило на неговата сопруга Мелина Милевска оди во едно скопско кафуле и таму се среќава со машко лице без да објасни во кој контекст е овој доказ со обвинението.

Потоа беше прикажана кратка видео-снимка на која се гледа како автомобил се паркира на паркинг. И за оваа снимка немаше објаснување.

Зоран Милевски-Кичеец е снимен како влегува во хотелот „Мериот“, а потоа заминува на улицата „Народен фронт“ каде што со заедно со машко лице со црна маица влегува во кафулето „Интермецо“. Потоа заминуваат во Куманово каде што биле снимени во еден ресторан. По кратко време се враќаат во Скопје и Милевски влегува во кругот на фабриката „Охис“.

Беа прикажани уште неколку снимки од скопски кафулиња. Адвокатот Сашо Дуковски реагираше дека нема опис на снимките, што е спротивно на судската пракса кога се прикажуваат докази прибрани од ПИ-мерки, а настрана што едно се прикажува на снимките, а друго коментира обвинителката.

– Ова е кафулето „Интермецо“, а не „Воденица“ како што вели обвинителката – забележа Дуковски.

Русковска прикажа снимки и фотографии како Кичеец се среќава со машко лице со брада и тетоважи во кафуле, потоа како се паркира пред Орка холдинг и влегува во компанијата. Милевски е снимен и како влегува во Систина, а беа прикажани и неколку снимки од средби на Милевски со машко и женско лице. Реагираше и адвокатката Ирена Фрчкоска која забележа дека едно чита Русковска, а друго се прикажува на екранот во судницата.

По ова судијката констатира дека снимките се измешани, а Русковска објасни дека ги презентира како што ги добила од Министерството за внатрешни работи (МВР).

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...