„Тајм“ два пати утна: Го нарече Заев и северномакедонски и македонски премиер

2481

Неделникот „Тајм“ на својата веб-страница објави текст за вчерашната историска посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас, а во насловот го нарече по Зоран Заев „северномакедонски премиер“.

„Грчкиот и северномакедонскиот премиер позираа за историско селфи за крајот на 30-годишниот спор со името“ е насловот на „Тајм“.

Во текстот, пак, „Тајм“ го ословува како македонски премиер. Пишува дека за првпат откако северниот сосед на Грција стана независен во 1991, грчки премиер ја посетил Северна Македонија.

„Тој смеејќи се застана до македонскиот премиер Зоран Заев за да направат селфи пред владината зграда“, пишува во текстот.

Според неодамнешниот брифинг за новинарите кој го организираа од Владата и од Министерството за надворешни работи (МНР), ниту едно од двете различни ословувања, „северномакедонски“ и „македонски“, не е согласно Преспанскиот договор.

Имено, терминот „северномакедонски“ воопшто не треба да се користи.

Придавката „македонски“ пак, треба да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, јазикот, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Меѓутоа, „македонски“ согласно договорот не треба да се користи кога станува збор за официјални државни органи и други јавни институции како и приватните ентитети и актери што се поврзани со државата. На пример, во духот на Преспанскиот договор, не е предвидено да се користи македонски премиер, македонска влада, македонски министер итн.

Целиот правилник за употреба може да се прочита ТУКА.

На споменатиот брифинг од владата посочија дека ваквиот правилник на англиски јазик прво е испратен до странските медиуми, а потоа е направена и македонската верзија, како и дека се реагира при неправилна примена на термините.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...