Обвинетиот лидер на ДПА, Мендух Тачи, не го прифати предлогот на обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, во предметот „Титаник 2“ преведувачот од македонски на албански јазик да седне до него во судницата за да му преведува цело време за текот на судењето, како право, кое, како што рече Фетаи, го има според Уставот и законите.
Фетаи предложи да се преведат сите записници на албански јазик и да му се преведува усно на Тачи за потоа тој да не се жали на постапката. Тачи претходно рече дека му биле повредени правата за учество на седницата поради јазикот, и побара да му се преведува на глас, како право што му следува според новиот Закон за употреба на јазиците.
– Апсолутно не сум имал манипулативни тенденции за ова прашање. Тоа право за кое говори обвинителката ми следува и во Јапонија, Зимбабве. Тоа не е мајчин, туку службен јазик – рече Тачи во судницата.
Повеќе од половина час Фетаи, судијата Огнен Ставрев и обвинетиот Тачи се расправаа за употребата на јазикот. Поради неприсуство на двајца сведоци на СЈО и дилемите за употребата на јазикот, судењето за предметот „Титаник 2“ е одложено за 1 октомври./Макфакс