Татјана Лазаровска ќе лета од АРМ

6181

Против професионалниот војник Татјана Лазаровска ќе биде поведена дисциплинска постапка и ќе биде предложена најстрога казна, односно да ѝ прекине ангажманот во Армијата на Република Македонија, велат за Плусинфо од АРМ, откако таа преку статус на Фејсбук шири говор на омраза со повикот да му се даде Нобелова награда на напаѓачот од Нов Зеланд, каде беа убиени 50 лица.

Од АРМ веќе информираа дека Лазаровска е вработена во АРМ и дека согласно законските регулативи и надлежности е почната постапка за утврдување одговорност и за преземање соодветни дисциплински мерки.

Од АРМ велат дека ќе биде формирана дисциплинска Комисија на која ќе ѝ биде предложено Лазаровска да одговара за дисциплински престап, како потешка повреда на воената дисциплина, односно потешка повреда на угледот на службата или угледот на воениот и цивилниот персонал.

Според објаснувањето од АРМ, а повикувајќи се на Законот за служба во АРМ, за Лазаровска ќе се бара престанок на работниот однос, односно престанок на статус на активен воен персонал поради изразување и застапување политички ставови и убедувања во службата и предизвикување национална, верска и расна нетрпеливост.

Законот Служба во АРМ во член 132, за дисциплински престап на активен воен персонал, активен резервен персонал и цивилен персонал, ги предвидува следните дисциплински мерки:

– Парична казна во висина од 10 до 30 отсто од едномесечниот износ на платата исплатена во последниот месец пред извршувањето на дисциплинскиот престап во траење од еден до шест месеци на активниот воен и цивилен персонал, односно 10 до 30 отсто од едномесечниот износ на исплатениот месечен надоместок на активен резервен персонал.

– Забрана за унапредување во повисок чин за време од една година.

– Забрана за остварување на право за повисок степен на кариера за време од една година.

– Одземање на чин и враќање во претходниот чин.

– Губење на чин.

– Престанок на работниот однос, односно престанок на статус на активен воен персонал.

Генералштабот веќе најостро го осуди секој облик на изразување било каков вид нетрпеливост, дискриминирачко однесување или поддршка на истите од било кого.

„Од Генералштабот е наложено до потчинетите команди и единици секогаш да се преземат соодветни мерки за спречување и најостро санкционирање во рамки на законските надлежности на било кој непримерен облик на однесување и нарушување на угледот на Армијата од страна на своите припадници“, стои во реакцијата на Генералштабот.

Впечатливо е дека по бурните реакции во јавноста и најавата на Генералшатбот дека ќе преземе санкции, профилот на Лазаровска го нема веќе на Фејсбук.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...