Татко му на Боки призна вина, го натепал попот откако се скарал со Боки

Имам многу големи сомневања кај мене дали сум виновен или не, затоа што господинот е тој што почна... - почна да зборува Јовановски, а судијката го прекина посочувајќи му дека сега треба да каже дали го прифаќа делото во целост како што е опишано во обвинението. Пресудата судот ќе ја соопшти в понеделник во 11 часот.

1244

Во Основниот кривичен суд утрово се одржа рочиште од судскиот процес против татко му на Боки 13, Миле Јовановски, за нанесување тешка телесна повреда на попот Виктор Стојчев, кој му е комшија на Јовановски.

Татко му на Боки 13, уште на првото рочиште призна вина. Според обвинението, Јовановски на 7 јануари 2017 го нападнал попот, а расправијата почнала кога Стојчев одејќи си дома, не можел да влезе во дворот бидејќи возилото на Јовановски било паркирано пред влезот. Стојчев прво свирел со возилото, а потоа неговата сопруга отишла и заѕвонила на вратата на комшиите Јовановски. Тогаш Боки излегол и го поместил возилото, а почнала и караница меѓу него и попот.

– Откако оштетениот се паркирал, Миле Јовановски излегол од дома и влегол во дворот на оштетениот, се доближил до возилото, ја отворил левата врата и со десната рака му удрил тупаница во лицето, па откако оштетениот излегол од возилото Јовановски продолжил да го удира со нозе и раце, оштетениот паднал на земја и Јовановски по него и продолжил да го удира – рече обвинителката. Од тепачката попот се здобил со скршеница на зглоб на ногата.

Откако обвинителката го прочита обвинението, судијката Александра Ристоска го повика Јовановски да каже дали ќе се брани, ќе го признае делото или ќе молчи.

– Имам многу големи сомневања кај мене дали сум виновен или не, затоа што господинот е тој што почна… – почна да зборува Јовановски, а судијката го прекина посочувајќи му дека сега треба да каже дали го прифаќа делото во целост како што е опишано во обвинението.

По ова, Јовановски рече дека тогаш го признава делото. Адвокатката на Јовановски, Јелена Симиќ, рече дека настанот се случил кога во семејството Јовановски владеела празнична атмосфера, а поради празниците имало гужва на улицата од возила. Синот на Миле Јовановски, рече Симиќ, го поместил возилото и немало да дојде до настанот ако Стојчев не упатил сериозни навреди кон Боки 13.

Адвокатката порача дека нејзиниот клиент нема кривично досие, невработен е, не е во добра здравствена состојба, а оштетениот не е во животнозагрозувачка состојба и побара поблага санкција. Во случајот за сведок беше предложен и Боки 13, но тој поради економичност на постапката не беше спроведен од затворот.

Пресудата судот ќе ја соопшти в понеделник во 11 часот.

Обвинетиот Јовановски и оштетениот Стојчев, пред новинарските екипи не коментираа многу. Јовановски на влез во судот пред рочиштето посочи дека попот е тој што прв го почнал конфликтот, додека Стојчев по завршување на рочиштето изјави дека обвинителството има докази кој што рекол, како и дека има видео снимки од инцидентот. Во судница, пак, попот рече дека се приклучува кон кривичниот прогон, а за отштета посочи дека ќе ја пара во граѓанска постапка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...