„Таткото на нацијата” во бегство?!

„Татко на нацијата” е епитет којшто се заслужува со големи благородни дела. Таков епитет е резервиран за политичари од голем ков, без разлика на големината на нацијата или државата.

2094

И „сеа шу праиме”?! Претседателот на државата е во своевиден егзил – велат побегнал за да не учествува на гласањето на 30 септември 2018 година. Се спакувал „таткото на нацијата” и заминал. Отишол по белиот свет да држи говори за демократија, државништво и успешно лидерство пред оние кои воопшто не му веруваат, кои се убедени дека тој не верува нити во демократија нити во современо лидерство нити во модерна политика. На изненадување на целата јавност, во пресуден момент се одрекна од својот дел на одговорност за судбината на државата. Ги остави своите „поданици” и сограѓани сами да го решаваат најсложеното прашање во историјата на Македонците и нивните сожители – прашањето на опстанокот на државата на чие чело, за жал, стои тој.

И додека ние, обичниот плебс, ќе се трвиме меѓу себе, „че се врејџаме” и ќе се подвојуваме на оние што го сакаат Западот и оние што го сакаат Истокот, тој дури со доза на лажна патетика, ја „усреќува” нацијата порачувајќи дека нема да излезе на гласање, ќе бојкотирал. За сите нас гласањето е граѓанска должност, одговорност и право, за Ѓорѓе Иванов тоа не важи. Наместо да ја изврши својата граѓанска задача и да го заокружи своето гласачко ливче, тој безочно на наочиглед на целата јавност се определи за бегство. Со голема доза на суета и малициозност, без гордост и достоинство, без трунка одоворност, без чувство за државништво, без благодарност за незаслужената 10-годишна надокнада за позицијата Претседател на државата, тој ја напушти таа држава и, по угледот на диктаторите и прогонетите лидери, со препорака од неговите ментори, се склони во странство додека помине фортуната – гласањето.

Човекот-политичар кого за негова несреќа „Истокот го отпишува, а Западот не го запишува ”, нашол солуција во бегство. Со пари исцицани од македонската сиромаштија ќе се шепури по светот и ќе кажува со колкави „дела” ја задолжил државата. На очиглед на сите нас и меѓународната заедница тој едноставно побегна за да не го даде својот глас за опстанокот и развојот на оваа наша мала, но сакана државичка.

„Татко на нацијата” е епитет кој што се заслужува со големи благородни дела. Таков епитет е резервиран за политичари од голем ков, без разлика на големината на нацијата или државата. Наспроти, постои епитет „лош очув на нацијата”, којшто се заслужува со дела со кои наместо да се гради судбината на државата таа се разградува, се руши нејзината сегашност и иднина. Имињата и на едниот тип и на другиот тип на политичари остануваат во историјата, но додека едни се пишувани со светли и големи букви (во првиот случај), други пак се обележени со мали речиси невидливи и нечитливи букви (во вториот случај).

Според дефиницијата, „Таткото на нацијата” треба да има доблест и света задача да ги обединува граѓаните; да ги смирува разгорените политички страсти; да ја следи линијата на општото добро за народот; застанува на чело на масите во пресудни денови за неговата и нивната заедничка држава; во своите политички ставови не настапува како обичен партиски војник; има и нуди визија за надминување на општествените кризи или дилеми од општествениот развој на земјата; со својот лик и дело претставува идол и стимул на младите генерации; и, што е најважно, дејствува како чувар на националното единство, компромис и солидарност во социјалниот поредок, но не и како „оној што долива бензин на оганот”. Нашиот „татко на нацијата”, изгледа ги помешал лончињата. Веројатно мислел дека настаните и активностите што со голема жестина се случуваат во Република Македонија се однесуваат на кризата во неговата партија(?!) ВМРО ДПМНЕ, а не се во врска со иднината на државата во која е „избран” и фигурира како нејзин претседател.

И наместо сега да застане на чело на процесот за дефинитивно признавање на државноста на Македонија и на Македонците (народ, јазик, идентитет) на сите меридијани во светот, тој замина во „белиот свет” и патемно ги повика своите истомисленици да го бојкотираат референдумот.

Иако е од Хорхе, сепак многу е.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...