Татко на 20-годишната Верена Хајнц од Австрија раскажал за несреќата која се случи на одморот во Хрватска, која беше кобна за неговата ќерка.
Трагедијата се случи во средата, првиот ден од нивниот одмор на популарната плажа на Крк. Дитер Хајнц кажал дека тој и неговата ќерка биле инструктори по нуркање и оти Верена овој викенд требало да држи курс.
– Глисерот нагло тргна накај нас и немавме време да реагираме. Удри во нас, на 100 метри од брегот, каде немаше што да бара. Не можете да го замислите тој ужас. Ни ја скина опремата за нуркање и перките. На Верена ѝ ја откина ногата, мене ми го повреди стапалото. Хоророт продолжи во акцијата за спасување, како да сме во земја од трет свет. Ја чекавме Брзата помош цела вечност, никој не зборуваше англиски, а ни германски во болницата. Само главниот доктор, кој дојде да ми ја соопшти тажната вест, знаеше малку англиски – кажал тој.
Идентитетот на човекот кој управувал со глисерот не ѝ е познат на јавноста. За него се знае само дека е хрватски државјанин и оти не бил под дејство на алкохол.
Семејството Хајнц ангажирало адвокат, наводно, откако одредени медиуми пренеле дека несреќата се случила на 300 метри од брегот, што според познаници, не било точно.
ФОТО: Фејсбук