Таткото на Ангела сведочеше на судењето за убиството на Пино: Ќерка ми, во суштина, е добро дете!

3425

Како сведок на денешното рочиште за убиството на Пино Секондо беше повикан таткото на обвинетата Ангела, Златко Ѓорѓиевски. Тој рече дека Ангела е дете како и сите други деца, но сè додека било во нормала, а додаде и дека ќерка му знаела и позитивно и негативно да изненади, но дека во суштина е добро дете.

По исчезнувањето на Пино, раскажа Ѓорѓиевски, Ангела станала многу плашлива и не сакала да слави ниту Нова Година, а како што рече, тој како родител не знаел дека ќерка му е во врска со Фуркан Али, обвинетиот за убиство.

– Имам потреба да кажам дека на социјалните мрежи, јас и мојата сопруга сме оцрнети со недолични зборови и со тешки навреди. Најпрво имаше информација дека јас сум возач кој не знае ништо, дека сме разведени, а не сме, и сето тоа беше со единствена цел да се прикаже дека ќерка ми е дете од нефамилија – рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека многу жали за изгубениот живот и дека секогаш кога ќе оди во црква пали свеќа за Пино.

– Премногу ми е жал, но со ваквото одноесување, мајката на Пино не заслужува ниту да ѝ изразам соучувство. Дури имаше и заговор од луѓе за да ја истепаат мојата сопруга на работа – сведочеше Ѓорѓиевски.

Додека тој сведочеше, Ангела не престануваше да плаче во судницата. Судијката Ленка Давитковска го закажа следното рочиште на 24 февруари.

За потсетување, Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година, а Ангела е обвинета дека во убиството му била соучесник на Фуркан Али кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...