Три години подоцна, кога во Големата војна влегле и Соединетите Американски Држави, се појави практично истото ликовно решение на плакат што од тогаш стана вистинска икона на масмедиумите. На плакатот на илустраторот Флег бил нацртан Вујко Сем, ликот на тогаш веќе одомаќената национална персонификација на Соединетите Држави, кој ги повикува младите Американци да се регрутираат во војска. Истото ликовно решение успешно е употребено за регрутација и во текот на Втората светска војна, како проверена формула што ги побудува патриотските емоции кај луѓето.
Но, сепак, веројатно најзначајното и најпознато графичко решение од времето на најголемата од сите војни, со истата порака и сугестивниот патриотски повик, е славниот плакат на советскиот уметник Иракли Тојѕе. „Родина-мать зовёт!“, односно „Татковината повикува“ е пораката што немо, со стиснати усни и фатално сериозен поглед ја извикува жена, облечена во црвено, со раката сугестивно крената кон снопот пушки со бајонети зад неа… Овој плакат настанал буквално дента на Хитлеровиот напад на Советскиот Сојуз, кога сопругата на Тојѕе втрчала избезумена во студиото на уметникот, извикувајќи го страшниот збор „војна!“. Тојѕе и наредил на сопругата да застане и да го задржи изразот на лицето и веднаш почнал да ја црта како симбол на мајката – родна земја, што ги повикува своите синови да загинат за неа. Плакатот бил печатен во илјадници примероци и потоа облепен буквално низ целиот Советски Сојуз.
По војната, во 1967 година, на локалитетот Мамаевски курган, блиску до денешен Волгоград, изградена е скулптура со истиот наслов – Родина-мать зовёт, во спомен на борците што загинале во епската битка за Сталинград, битката што практично ја предодреди победата на Црвената армија над Хитлеровите војски во Втората светска војна. Во тоа време, со своите 87 метри височина, склуптурата била прогласена за највисока во светот, а во нејзините темели биле поместени остатоците од 34.505 од вкупно 478.741 војници на Црвената армија што загинале во 200 дена долгата, херојска и крвава епопеја. И ден денес, повеќе од три милиони луѓе секоја година ја посетуваат Родната мајка што повикува, за да им се поклонат на половината милион загинати советски момчиња и мажи што одговориле на повикот и ги положиле своите животи за татковината…
И, во тој контекст – а може ли да има друг кога „татковината повикува“?! – човек не може да не се запраша што значат сликичките на нашата најпозната јогистка, џогерка и рокерка, а безбели и професорка, која со стаклен поглед на барбика и заледена полунасмевка – практично без препознатлив чувствен израз на лицето, ни порачува дека „татковината не повикува“? На што не повикува татковината? Во каква беља, во која невоља упаднала кутрата ни татковина, па професорката да не повикува да го разгориме патриотскиот жар и да се построиме во бој за нејзиниот спас!? Која е таа егзистенцијална криза, историски крстопат или трагедија што е надвисната над татковината? Како тоа не сум забележал дека сме во војна? А, јас – будала! – седам дома, пишувам закони, правилници и понекоја колумна, потполно несвесен дека на татковината и на народот им се ближи Судниот ден, когато сите че не снема?
Си ветив дека нема да ги коментирам претседателските избори, почитувани читатели, зашто сеуште не можам да заборавам во колку длабока септичка јама ја нурна и со каква кретенска репутација ја закити и ја обесчести претседателската институција она Поднадуено Ништо, што се уште ја окупира функцијата. Но, ова кичерско претерување, оваа изнасилена и обесмислена патриотска бласфемија, со која практично се сквернави сериозноста на ситуациите во коишто слоганот „татковината повикува“ воопшто се употребува, очигледно беше преголема провокација за мојот дребен и уморен нервен систем.
Не може човек да не се згади од долноста на злоупотребата на патриотизмот во ситни политички цели, од леснотијата со која и професорката и нејзиниот политички ментор, повикуваат на регрутација на патриотите во нивниот бој за правдата, за кој – разбира се – требаат да се подготвени и животот да го дадат. За менторот ми е јасно: тој е олицетворение и илустрација на славната изрека на Семјуел Џонсон, дека „патриотизмот е последното прибежиште на ништожниците“ (за кои Хрватите имаат поубав збор: ниткови!).
Но, каква темна сила ја вовлекува со децении наназад беневолентната професорка да учествува во недостојното злоупотребување на патриотизмот; што и треба судбински траорниот повик „татковината повикува!“, да го употребува во тривијални и во секоја смисла долни цели? Употребата на повикот „татковината повикува“ – од кој во минатиот век загинале милиони луѓе, само за да гласаме за остарена барбика, е светогрдие што буквално го брише значењето од зборовите и ги празни хуманите вредности од каква и да е супстанца!? Кога ќе запре кретенизирањето на Македоња Норд?