Обвинителката во судскиот процес „Таргет- Тврдина“ Ленче Ристовска, на денешното рочиште, поради доследност во однос на влијанието на исказите на сведоците присутни во судницата врз оние кои допрва треба да сведочат, побара судот да им предочи на новинарите да не објавуваат детали од исказите на сведоците, поради што судечкиот совет се повлече да донесе одлука во врска со предлогот на Ристовска.
По кратко време судот, повикувајќи се на Законот за кривична постапка во однос на транспарентност на судењето и за да не влијае на медиумите, констатира дека барањето на обвинителството е нејасно и неразбирливо, особено што на судот му се наметнува обврска да влијае на начинот на кој ќе известуваат новинарите.
Судијката Џенета Бектовиќ рече дека законските одредби се јасни и предвидуваат транспарентност и присуство на јавноста или целосно исклучување на јавноста.
– Вака поставеното барање на ЈО е нејасно и неразбирливо особено што се наметнува на Судот да влијае врз медиумите што е спротивно на начелото за транспарентност на постапката. Секој од сведоците е предупреден за лажно сведочење, истакна Бектовиќ, по консултација со судијата Владимир Туфегчиќ и поротниците.
Судечкиот совет смета дека обвинителството е должно да му предучи на судот дека сведокот ќе изнесува доверливи информации и за случајот дополнително ќе одлучи. Ристовска претходно објасни дека нејзиното барање не треба да се сфати како обид да се влијае во известувањето на медиумите, туку да се оневозможи влијание на сведоците кои преку медиумите дознаваат што кажале сведоците пред нив.
Како што објасни судијата Туфегџиќ, одредбите на ЗКП предвидуваат или јавно водење на постапката или целосно исклучување на јавноста.
-Одредбите се јасни и децидни, рече Туфегџиќ, нагласувајќи дека не може судот да ја води уредувачката политика на медиумите.
Обвинителката Ристовска рече дека за нејзиното барање ќе го извести Судско-медиумскиот совет, а Туфегџиќ возврати дека препораките на ова тело не се обврзувачки за судот, кој посапува според ЗКП, а судењата се јавни.