Не можеме да поддржиме кандидат кој вели, не ни требаат албанските гласови. Ниту еден Албанец, но ние не можеме да ги телекомандуваме луѓето кои ќе гласаат за Блерим Река, изјави генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во интервју во емисијата „360 Степени“ на телевизија Алсат.
Тој потенцираше дека Алијансата не планира да прави пазар со никого и одлуките не ги носи на таков начин.
– Конкретно за Силјановска, не планираме да ја гласаме ако доаѓа, зборувам хипотетички, едно лице на кое не му требаат албанските гласови – рече Таравари.
Тој рече дека партијата го поддржува кандидатот за претседател Блерим Река кој, како што рече, покрај од Албанците, има поддршка и од многу Македонци, но и од граѓани од другите етнички заедници, како и од незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
– Ние мислиме дека господинот Река има реални шанси да биде во вториот круг – рече Таравари.
На прашањето со кого би бил во вториот круг, тој рече дека според нивните анкети во моментов Силјановска има одредена предност пред кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, велејќи дека тоа може да се промени во текот на кампањата.