Трошоците за претплата, разговори и други услуги на над 50 телефонски броеви нема повеќе да ги плаќа општина Гостивар. Во иднина, службените телефони ќе станат приватни и фактурите ќе си ги плаќаат самите службеници.
Укинувањето на поволностите ги најави градоначалникот Арбен Таравари преку својот „Фејсбук“ профил како дел од кампањата „Да го штедиме буџетот“.
– Ниеден вработен во општина Гостивар, од почеток на август 2019, нема да користи службен телефон. #ДаГоШтедимеБуџетот – стои во постот на Таравари.
Според секретарот на општина Гостивар, Назми Јусуфи, договорот со досегашниот мобилен оператор не е продолжен и нема да се склучува нов.
– Броевите кои беа опфатени со договорот, во иднина ќе бидат приватни и лицата кои досега ги користеа сами ќе си ги плаќаат трошоците. Овој потег е во рамки на кампањата за штедење и намалување на трошоците. Досега за трошоците за мобилни услуги, општината плаќаше над сто илјади денари месечно. Од овој месец сите вработени сами ќе ги плаќаат сметките – изјави Јусуфи за МИА.
Според досегашната пракса, поголем дел од вработените, раководителите на сектори и други служби кои се под надлежност на локалната самоуправа, користеа службени телефони. За оваа намена на годишно ниво од општинската каса се одлеваа близу 20 илјади евра.