Промените на имињата на училиштата и нивното оспорување се политички игри за манипулација, рече на денешната пресконференција генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.
– ДУИ не ги смени имињата на училиштата 18 години, имајќи ја целата власт во нивни раце, како локалната, централната, и сите други инструменти не успеа да ги смени имињата на училиштата. И сега еден месец пред изборите, имињата се менуваат. Аплаудирам на овој потег, иако требаше да се направи многу порано, не сега – рече Таравари.
Покрај тоа, Таравари додаде дека оспорувањето на владејачкиот партнер на ДУИ е неправилно наспроти албанското население, нарекувајќи ги нивните активности политички игри за манипулација.
Тој исто така истакна дека покрај менувањето на имињата, ДУИ требало да се занимава и со училишната инфраструктура, хигиената и условите, така што албанските училишта не би завршиле во мизерни услови.