Општина Гостивар не овозможува градби без потребната документација, возвраќа градоначалникот Арбен Таравари на обвинувањата од огранокот на ДУИ дека со акциите за рушење на дивоизградени објекти, ја сокрива вистината и го стимулира урбанистичкиот криминал и градбата на бесправни објекти.
– За тој објект има записник, како и за неколку други, кои надлежните инспекциски служби ги направиле и за нив се води постапка. Во Гостивар има четворица инженери и шестмина доктори со презиме Таравари, зарем треба да им забранам да работат? Доколку постои поврзаност или заеднички интерес на фирмите на моите роднини и локалната самоуправа треба веднаш да бидам пријавен кај надлежните институции – рече Арбен Таравари.
На конференција за новинарите потпретседателот на огранокот Башким Хасани посочи дека фирма на близок роднина на гостиварскиот градоначалник гради објект за домување на место кое е предвидено за спортски терени во населбата Осма зона.
– Со непостапувањето на инспекциски служби и преземање на мерки, подразбираме дека Таравари го поддржува и охрабрува урбанистичкиот хаос. Таравари не ги извршува законските обврски и свесно ја злоупотребува службената должност за материјални придобивки за себе и за своите блиски роднини. Тој, декларативно се залага за развој на спортот, но во реалноста со овие негови дела ја уништува иднината на секој млад човек и на секој жител на оваа населба – рече Хасани.