Тапка во место изградбата на нова детска градинка на Тодор Чангов

Најмногу деца на листа на чекање има во градинката „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче

608

Најмладата скопска општина, континуирано има проблем со згрижувањето на своите најмлади жители. Имено, на територија на Општина Аеродром има голем број деца чии родители сакаат тие да посетуваат градинка, но поради недостатокот на слободни места во веќе постоечките градинки, децата остануваат дома да ги чуваат бабите и дедовците, а за оние дечиња со поимотни родители, остануваат опциите за нив да се грижи дадилка или пак да бидат запишани во некоја од приватните градинки.

Освен недоволниот капацитет за згрижување на сите заинтересирани деца кои сакаат да посетуваат градинка, на територија на Општина Аеродром постои проблем и со тоа што во одредени нејзини делови воопшто нема изградено градинки.
Токму родителите и децата што живеат на места каде што сè уште нема изградено градинка се принудени со автомобил или со автобус да го носат детето до најблиската градинка, се разбира доколу успеале да го запишат. Во спротивно, децата ги носат неколку километри пеш до градинката каде што имало можност и капацитет детето да биде згрижено.

Населбите Островска и Вардарска, поточно улиците Ѓорѓи Капчев и Тодор Чангов се едни од тие места каде што нема градинка.
Стотици жители што живеат во овој дел од Општина Аеродром се принудени секојдневно своите бебиња и деца да ги носат во градинките во Горно Лисиче или во населба Лисиче, додека тие поради работни или пак поради приватни обврски се отсутни од дома.

– Детето го носам во населба Лисиче во градинка, а живеам на улицата Ѓорѓи Капчев. Тоа и за мене и за детето претставува секојдневно малтретирање. Го будам рано, го носам со автобус и кога врне и кога има снег. Откако ќе го оставам, се качувам во друг автобус за да стигнам на работа. Кога ќе ми заврши работното време се возам со еден автобус до градинка, а откако ќе го земам детето, со друг автобус се враќаме дома. За да го однесам дома детето, јас во текот на денот менувам четири автобуси, само затоа што кај нас нема градинка – раскажува жителка од Вардарска.

И од Општина Аеродром се согласуваат дека се потребни поголеми капацитети за згрижување на сите заинтересирани дечиња. Во моментов, за да се запише некое дете во градинка, доколку се зафатени веќе постоечките капацитети, детето се става на листа за чекање сè додека некое дете не се отпише или доколку се создаде друга можност.

– Во врска со листите на чекање за запишување во градинките, во „Срничка“ моментално нема листа за чекање, додека во „Буба Мара“ во моментов има 40 деца на листа за чекање. Токму затоа, Општината со сопствени средства започна изградба на нов објект во рамките на таа градинка, кој ќе го зголеми згрижувачкиот капацитет за 200 деца со 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна на вкупна површина од 1.500 квадратни метри – информираат од Општина Аеродром.

Од Општината тврдат дека проблемот со малиот број згрижувачки капацитети во градинките се должи на тоа што станува збор за млада населба со голем број брачни парови, а локалната самоуправа континуирано ја следи потребата од нови згрижувачки и образовни капацитети. Во таа насока, општината има изработено и план за проширување на капацитетите врз основа на фактичката состојба и идните потреби на населението.

Во предизборната програма на градоначалникот Златко Марин беше ветено дека ќе гради нова детска градинка во Мичурин и на Тодор Чангов, со што во голема мера би се решил овој долгогодишен проблем.

Околу реализацијата на овие предизборни ветувања, од Општина Аеродром информираат дека во тек е подготовка на изработка на еден проект за доградба и еден проект за изградба на целосно нов објект за детска градинка во населба Мичурин. Дополнително се предвидува и вцртување на уште една нова градинка во населбата Тодор Чангов. Како што велат оттаму, освен изградба на нови градинки, општината работи и на проширување на капацитетите и на веќе постоечките детски градинки на нејзина територија, со што во целост ќе се реши овој проблем.

– Општината почна изградба на нов објект за градинката „Буба Мара“ со 8 занимални, а во изминатиот период беше доградена и градинката „Чекорче“. Подготвени се проекти за доградба на два објекти, а во тек е подготовка на изработка на еден проект за доградба и еден проект за изградба на целосно нов објект за детска градинка во населба Мичурин. Дополнително се предвидува вцртување на уште една нова градинка во населбата Тодор Чангов. Со цел зголемување на квалитетот на услугата, во секој објект покрај дотациите за вработувања од Министерството за труд и социјална политика, Општината од сопствениот буџет има обезбедено 17 дополнителни вработувања за градинката „Срничка“ и 15 во „Буба Мара“ за тековната година – велат од Општина Аеродром.

Инаку, на територијата на Општина Аеродром има две детски градинки и тоа „Буба Мара“ со пет клонови „Буба Мара“, „Пчелка 1“, „Пчелка 2“, „Сонце“, „Лавче“, како и Центарот за ран детски развој „Слонче“ и градинката „Срничка“ со шест објекти „Калинка“, „Чекорче“, „Изворче“, „Бамби“, „Црвенкапа“ и „Лале“. Во градинката „Срничка“ се запишани 1.710 деца, а во „Буба Мара“ се запишани 1.364 деца.

Извор: Слободен Печат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...