Таму Господ нема…

Ние, шарени, лакирани и исполирани, изгорени, изневерени и јадосани, најмалку што треба е одеднаш да сакаме криминалците да скапаат во притворските ќелии на Шутка, без да бидат соочени со тежината на аргументите пред судовите и нивното неприкосновено право на одбрана.

3116

Неколку пати сум казнуван поради моите пишувања со кои се обидувам да го подржам работењето на СЈО, институцијата во која сум вработен како „необичен“ доставувач, но, и покрај сиот ризик и овој пат да ме снајде истото, сакам да ви го пренесам следново, затоа што работите ги гледам од внатре. Во СЈО нема милост, да се разбереме. За никого. Нема милост за близок, далечен, за функционер, поранешен или актуелен, за богат односно сиромав. На влезот во таа институција изминативе 3,5 години, секојдневно ми се прожектира текстот напишан на јајцевидната сина лимена табла со бела рамка обесена на старата полициска станица некаде во некој кварт од Истанбул во далечната 1971 година, на чија долна страна јасно и недвосмислено пишуваше: „Бурда Алах јок“ (Овде Господ нема), и ги опоменуваше сите посетители, сведоци и осомничени кои влегуваат внатре, дури и вработените, па и гостите. И тоа реално го гледам и го чувствувам секое утро кога влегувам во таа институција како во резиденција на правдата и вистината, како рефлексија од сите души, (речиси од сите), кои таму имаат обезбедено место и секој на свој начин придонесува во откривање и реализирање на правдата од „бомбите“…

Бунтувавме, врескавме, препекувавме, пењавевме на социјалните мрежи, марширавме со транспаренти пред затворите, илјадници километри текстови напишавме за злоупотребата на мерката ПРИТВОР, реагираа и од ЕУ и од целата меѓународна, и сето тоа беше за џабе. Некои вакви мерки траеја со месеци пред да им се пресуди на осомничените, обвинетите. Некои други траеја со години, за на крај да бидат ослободени а државата да им плаќа астрономско обесштетување…

Е сега, ако кога се притвораа според нас невини и недолжни, кога во тие зандани неосудени беа казнети, без да ги имаме на увид доказите и сведочењата против нив, здушно баравме прекин на притворите, баравме нивно бранење од слобода, ги приложувавме сите наши гаранции дека тој и тој, таа и таа, нема да избега, нема да влијае на сведоците и така натаму, сега, замислете, нѐ изгорува проклетието на нивната неправда, трансформирана во наша правда, во единствена граѓанска правда, во конечна пресуда на нашата македонштина, и со огромната желба за одмазда кон диктаторите, апашите и криминалците, против чии мерки, навики и режирани судски одлуки енергично се бунтувавме, жолчно реагираме на една исклучително нормална, европска мерка на СЈО, не за ослободување на осомничените, или нивно бранење од слобода, туку за замена на мерката затворски притвор со домашен…

Обезбедени се сите докази и сведочења, и после едномесечниот притвор во Шутка, истиот да се замени со куќен притвор, во кој, внимавајте, не мора со посебно барање во МВР на министерот и надлежните да му се препорачаат сите мерки на посебна претпазливост, на гарантирана присатност, на квалитетна изолација кон осомничените од евентуален обид за нивно бегство, сѐ додека не им биде пресудено, затоа што, ако некој си го прочита и разбере законот за МВР, најверојатно ќе заклучи дека тоа нему му е законска должност. Се надевам дека министерот кој работи само според Уставот и законите, а не само според наредбите, кому му се намалила довербата во работењето на СЈО, сега, ќе дејствува според превентивата за посебен надзор, за директна заштита на граѓаните како што му предвидува законот за МВР, наполно исто како што треба да се грижи за редот во сообраќајот, во нарушувањето на редот и мирот, и дека овој пат навреме ќе реагира и ќе ги реализира мерките на претпазливост кон домашно притворените, и дека во рокот пред да имаат можност да избегаат, истите ќе почне да ги применува. Се надевам…

Ние, шарени, лакирани и исполирани, изгорени, изневерени и јадосани, најмалку што треба е одеднаш да сакаме криминалците да скапаат во притворските ќелии на Шутка, без да бидат соочени со тежината на аргументите пред судовите и нивното неприкосновено право на одбрана. Со паролата: „Нека цркнат мамицу им апашка, кој ги ебе, заслужиле, за нив не ми треба пресуда, јас им судам!“, се претвараме во нив, и полоши…

И на крајот. Не ги мешајте обидите на барањата на владата за измени на КЗ со кој посредно се става катанец и на СЈО и на ОЈО, па и на судовите, со овој предлог на замена на мерката притвор за осомничени крупни „ѕверки“, и сите отровни стрели се усмеруваат кон оваа институција, затоа што од СЈО никој не е ослободен, најмалку амнестиран, дека му се отфрлени обвиненијата за кои макотрпно е работено, да се разбереме. СЈО не престанало да ги гони притворените, ама во една нормална регуларна правна процедура. Зошто така? Затоа што таму не се играат какви било варијанти на политички игри, напротив. Таму се собираат несоборливи докази за извршени недела кон државата,и според нив се настапува пред Судот, и она што е најважно, таму, другарице и другови са свих комитета, Господ нема, а камо ли премиер, претседател или министер, амбасадор или дипломат, татко, син или прв братучед. Пари? Хе, само глупантропоид во СЈО би можел да наседне на такво нешто, а за наша среќа, и такви таму нема. Јок…

Среќна Нова! Тенкју..

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...