Тимот на македонската претставничка на Евровизија 2019, Тамара Тодевска, вчера објави видео во кое таа ѝ приредува изненадување на тетовчанката Нина Костовска.
Нина е родена со Даунов синдром. Кога се родила, лекарите им рекле на нејзините родители да не се надеваат дека ќе постигне нешто во животот. Денес, таа самостојно обучува наставници и професори во нашата земја како да се справат со децата со попреченост.
Нина ги живее и извршува сите вообичаени активности, како што тоа го прават нејзините врсници. Дипломираше на Факултетот за Македонски јазик и книжевност, истовремено помагајќи во аптеката на нејзините родители.
Јавноста ја запозна пред две години, кога беше дел од кампањата „Биди фер за детство без пречки“ на Европската унија и УНИЦЕФ.
Во видеото, Тодевска вели дека Нина е личност која докажува дека можеш сè да постигнеш во животот ако имаш голема желба.
„Јас сум многу горда на неа и затоа денеска дојдов кај неа дома да ја изненадиме и заедно да ја отпееме „Proud““, вели Тодевска.
FOTO: Printskrin