Настапот на Тамара на последното издание на Евровизија во Израел го остави популарниот музички свет воодушевен: речиси се неподелени оценките на многу европски музички експерти дека таа ја имаше една од најдобрите песни на фестивалот, во секоја смисла, вклучувајќи ја не само нејзината пејачка интерпретација, туку и нејзиниот сценски и, воопшто, целосен настап на оваа меѓународна гала манифестација. Коментаторката на Српската телевизија, со несомнени симпатии кон Тамара, во еден момент вечерта рече дека кога и една Велика Британија, во која е измислена поп-музиката, ќе ви даде максимална оценка од 12 поени, тогаш навистина мора да сте ја имале најдобрата песна таа вечер.
Како излезе финалното гласање на гледачите на самата Евровизија е предмет, се чини, за друг вид, „немузички“ анализи. Но, целиот тој антиклимакс не го помати воодушевувањето за тоа како се претстави Северна Македонија во Тел Авив, вклучувајќи ја и оценката на Би-Би-Си дека една од важните лекции од годинешново издание на музичкиот фестивал на Европската асоцијација на јавни телевизии (EBU) и онаа дека оние кои не знаеле каде географски се наоѓа нашата земја, вечерта научиле.
Целиот тој успех, се разбира, не беше доволен за најзадртите македонски националисти кои го прославија фактот што таа вечер Тамара не победи. Зошто? Затоа што „бесрамно“, а особено затоа што супериорно во музичкиот натпревар ја претставувала „Северна Македонија“. Парадоксално, за нив ќе беше подобро таму да настапевме под „Бивша југословенска Република Македонија“, па макар излегле и последни?!
Мора да е тажен светот во кој живеат овие луѓе. Откако знаат за себе, политички, секогаш останувале на губитничката страна кога Македонија победувала. Тие мислат дека и со сегашното свое однесување го штитат македонскиот идентитет, оној што го замислуваат во „црно-бела“ техника, а не во богатството на „прекрасниот витраж“ (Папата Франциск) што го претставува секоја современа, победничка државна заедница на граѓани. Нивните „музички фестивали“ се хорските пеења на парастосите кога ги слават своите порази, уверени дека само мртов јунак е добар јунак за да биде достоен за славната, од Богородица до Табановце, македонска историја.
Целата таа националистичка фрустрација е само уште понагласена кај оние Македонци кои се иселиле од татковината. Не сите, но многумина од нив – познавам такви – огорчено веруваат дека токму татковината е виновна за нивната невесела иселеничка судбина. Во таквиот сентимент, последниот „доказ“ за таа подла улога на нивната татковина е промената на државното име, иако за нивните дијаспорични статуси, ако воопшто, тоа ништо суштински не им менува. Дури и напротив. Но, емотивната „одмазда“ сама се „понуди“ со можноста да не се гласа на Евровизија! Ете ви, северџани, сега сме квит!
Којзнае дали целата оваа дебата има некаква смисла, бидејќи никој нема вистинска методологија за да може да тврди дека евровизиската гласачка математика е баш таква, дека Тамара, наводно, останала „закината“ од телефонското гласање на македонските иселеници во странство. Со оглед на големината – односно, „малината“ – на нашата дијаспора (за разлика од руската, на пример), цифрите веројатно не би го поткрепиле таквиот заклучок.
Чудна е оваа 2019 година. Македонија и Тамара шампионски поминаа на Евровизија. И формално ќе станеме членки на НАТО. Беспрекорно го дочекавме Папата во Скопје. На демократски избори за прв пат добивме неоспорен претседател на Републиката. Датумот за почеток на преговори со ЕУ ни се насмевнува годинава… Ако се случи и Нобеловиот комитет да се истакне во декември, 2019 ќе влезе во Гинис за Република Северна Македонија. Па, кој сака да сече вени – бујрум!
Извор: Цивил медиа