Тавила: Ќе се зголеми и ризикот за можен увоз на новиот вирус, државата подготвенa за брза детекција

Тавила ги повика граѓаните да бидат внимателни и доколку имаат некои симтоми со респираторниот систем, како кашлање или треска, да побараат совет од доктор, како и да останат подалеку од луѓето кои имаат настинка.

326

Нема случаи со коронавирус во државава и нивото на подготвеност е многу високо. Министерството за здравство и другите владини структури се подготвени да одговорат во случај на детекција, пред се, за брза детекција на случај со новиот коронавирус.  Бидејќи Светската здравствена организација (СЗО) прогласи меѓународен настан од меѓународно значење ќе се зголеми и ризикот за можна импортација. СЗО е целосно посветена и ќе продолжи со поддршка за се што е потребно. Мора да останеме внимателни и фокусирани, но нема потреба да грижа, изјави денеска шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, Жихан Тавила.

Таа и министерот за здравство Венко Филипче присуствуваа на состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Тавила рече дека е задоволна од исходот на состанокот на Комисијата за заразни болести пред се во однос на подготвеноста на земјата да одговори во случај на импортација на лица со коронавирусот.

Тавила ги повика граѓаните да бидат внимателни и доколку имаат некои симтоми со респираторниот систем, како кашлање или треска, да побараат совет од доктор, како и да останат подалеку од луѓето кои имаат настинка.

– Најважна работа во оваа ситуација е високото ниво на хигиена и задолжителното миење раце. Така можеме да се заштитиме самите. Бидејќи СЗО прогласи меѓународен настан од меѓународно значење ќе се зголеми и ризикот за можна импортација, ќе се зголеми и будноста, како на нашата канцеларија, така и на Комисијата, ќе имаме дневни состаноци и напорите ќе бидат насочени пред се кон рана детекција на случаи на точките на влез од една страна, а од друга страна ќе се посвети внимание на едукација на здравствените работници за постапки во случај на детекција, посочи Тавила и појасни дека станува збор за нов вирус и сите земји учат со секој нов ден.

Ништо не е фиксно и секој ден се преразгледува тоа што се случува и како да се справиме со новиот вирус, истакна Тавила и додаде дека нивниот фокус е повеќе на обука и подготвеност, бидејќи сите други работи се достапни преку Владата, а нивна главна задача е да се осигураат дека сите се на исто ниво на информираност.

Министерот Филипче рече дека во текот на вчерашниот ден СЗО прогласи јавно здравствена состојба од меѓународен ризик и согласно тоа денеска се одржал состанок на Комисијата за заразни болести, при што почнале според тие насоки, односно постапување според меѓународниот здравствен правилник.

– Тоа што денеска го направивме е подготовка за нешто за кое се уште немаме видлив и сериозен ризик дека може да се случи кај нас, а тоа се голем број заболени од коронавирусот, но го подготвивме целокупниот здравствен систем во однос на кадарот, инфраструктурата, опремата, во однос на точно добивање места кои евентуално би било потребно да ги хоспитализираат пациентите. Чекор или два сме напред и сме целосно спремни да се справиме со овој предизвик иако сме далеку од тој ризик. Се уште важат сите мерки кои се имплементираат на аеродромот во Скопје, ќе се дистрибуира информативен материјал во другите влезни места, во полициските станици, царината во Скопје, на останатите гранични премини, истакна Филипче.

Потенцира дека во текот на денот ќе организираат состанок и со МВР, Царината, Центарот за управување со кризи, за да ги информираат за активностите со цел и тие да бидат во состојба на зголемена будност доколку треба да се интервенира.

Најави дека од понеделник ќе има и дневен брифинг со новинарите за да известуваат тековно за тоа како се одвиваат работите, дали евентуално имаат некаква најава дека ќе дојдат патници од Кина и со оглед на големиот број прашања благовремено ја информираат јавноста.

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје рече дека СЗО во исклучителни случаи одреден здравствен настан го прогласува како јавно здравствен настан од меѓународно значење.

Посочи дека тоа пред се има улога за да се активираат дополнителни механизми за контрола на натамошно ширење на заболувањето, меѓутоа и дава инструменти на СЗО пред се да пружи друга техничка или соодветна помош на оние земји кои не може да одговорат и на самите земји им дава одредена база за одредени мерки согласно проценетиот ризик.

– Нашата земја ги презема овие мерки согласно проценката за можен ризик. Како се менуваат сознанијата ние го подигаме нашето ниво на спремност и преземаме соодветни мерки – додаде д-р Микиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Филипче рече дека дополнителна термална камера евентуално би била поставена на аеродромот во Охрид.

– Засега нема најава дека има летови на авиони со луѓе кои доаѓаат од ризичните подрачја, а термалната камера би била евентуално ако некој лет се пренасочи, доколку не може да слета во Скопје, истакна Филипче.

Во врска со другите гранични премини, додаде дека согласно препораките од СЗО ќе се дели информативен материјал за тоа како да се постапи доколку има некој случај, но истовремено доколку има високо суспектен случај ќе биде консултиран Институтот за јавно здравје, односно Центарот за јавно здравје согласно распоредот, што веќе е направен за да се консултира и епидемиолог.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...