Следниот викенд – повторно! – е историски за Македонија: отприлика тогаш ќе ја знаеме судбината на Преспанскиот договор во Атина; а веќе во понеделник СДСМ најави дека ќе ја знае викенд-одлуката за тоа дали би оделе и на вонредни парламентарни избори или не. Дали и кога СДСМ ќе ја објави таа одлука, е друго прашање. Но, јасно е дека расплетот во Атина ќе има влијание врз расплетот во Скопје.
Долга е историјата на грчкото влијание врз македонските внатрешно-политички собитија. Спорот за името три децении „кружи“ околу македонската домашна политика, како што дождовни облаци долго кружат околу сушна долина. Многумина од нашите политичари (последен, унгарскиот азилант) си ги изгореа прстите околу тоа прашање, дури и кога привремено билдаа рејтинг на неговото нерешавање. А и овие што сега го решаваат ќе видиме по која изборна цена ќе ја платат сметката.
На крајот, после триесетина години чекање, се испостави дека ни тука, ни таму, националистите не беа во состојба да дојдат до компромис, иако една од преговарачките догми беше дека додека тие не се согласат, нема решение за спорот. И меѓународната заедница (особено Американците) долго играше на таа карта, со години чекајќи да се појават конзервативни политичари кои, еманципирајќи ги своите националистички кругови на поддршка, ќе го направат решителниот пробив. Чекаа и не дочекаа. Спорот – ако се реши – ќе биде наспроти нивната бескомпромисно изразена волја.
Ретроспективните анализи кои ќе се прават во наредните децении, од неопходна дистанца, кога ќе се напишат сите мемоари и кога ќе се отворат тајните дипломатски преписки и проценките на тајните служби, полесно ќе одговорат на дилемата дали околностите или личностите ја сменија оваа мала балканска историја. Впрочем, ќе завршеше ли граѓанската војна во Америка и ќе се укинеше ли ропството за црнците да не беше нивниот 16-ти претседател Абрахам Линколн? Ќе имаше ли национал-социјализам без Хитлер и ќе беше ли тој поразен без Черчил? А што да се каже за Нелсон Мандела, на пример? Ќе ја имаше ли социјалистичка Македонија без Тито и Република Македонија без Глигоров? (Полека, полека, не барам гласни одговори, доволно е само да се размисли…)
Нам сега, со право, ни се чини дека да не беше довербата меѓу Заев и Ципрас, лично, до договор немаше да дојде. Но, ќе имаше ли договор без Димитров и Коѕијас? И, обратно, на кој начин во равенката, од наша страна, се вклучени Мицкоски и Иванов? Дали кога имате протагонисти, е неопходна и улогата на антагонистите, или историскиот тек е толку силен, што ни едните ни другите не можат да го сопрат?
На пример, лично сум сведок на тоа колку европските дипломати – особено од структурите на ЕУ – немаа доверба во Заев. Можеби и не без повод, со оглед на тоа што им се појави „од никаде“, го сметаа за превртлив и нестабилен, како некој со кого не можат да се договорат – на начинот на кој тие се беа навикнале да ги прават „недопечените“, „недоварени“ договори на Балканот. Во тоа брзање, не можеа да проценат дали Заев е роден за лидер или околностите го претвориле во таков, па во еден период околу Пржино сите беа уплашени од можноста да не го испровоцираат неконтролираниот гнев на Груевски (чии капацитети и смисла за правење штета добро ги познаваа), продуцирајќи големи притисоците наоколу за да се прифатат неговите барања. Заев можеше да „пукне“ во десетина наврати, за тие дипломати потоа да говорат: „Ете, ви рековме…“
Така е и денеска. Кога ќе се слушнат дипломатските, експертските или новинарските совети за ова или за она – дури и несомнено дека најголем дел од нив се со добри намери – секогаш во позадината не треба да се заборава дека одговорноста за одлуките е кај оние што ги носат, а не кај оние кои советуваат.
Тоа важи и за власта и за опозицијата во оваа земја. Да речеме, кој решил да оди на избори или да ги бојкотира, ќе мора да живее со последиците од своите одлуки.
Оти, без лидери не се може, бидејќи се тие задолжени да го остварат она за што повеќето сметаат дека е невозможно. Земете го, на пример, Договорот од Преспа…
Извор: Цивил медиа