
Специјалното јавно обвинителство попладнево поднесе жалба на одлуката на Основен суд Скопје 1 – Скопје за одредување мерка претпазливост за тројцата осмничени од новиот предмет „Поштенска банка“. СЈО и понатаму бара притвор за Ратко Димитровски, сопственик на печатницата „Европа 92“ и за Томе Главчев, директор на „Ноел“ од Гевгелија. За Коле Смилевски СЈО не се жали на одлуката на првостепениот суд за одземање на неговиот пасош и со оглед на изјавите на одбраната дека се работи за билно лице.
Специјалното јавно обвинителство вчера побара определување мерка притвор за три лица од предметот „Поштенска банка“. Трите лица беа спроведени и по сослушувањата и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои им определи мерки за претпазливост.
На осомничениот К.С. му е изречена мерката привремено одземање на патната исправа и обврска повремено да се јавува на овластено лице во судот, а на Р.Д. и Т.Г. изречена им е мерката – обврска повремено да се јавуваат во судот во Кочани, односно судот во Гевгелија.
Станува збор за Коле Смилевски директор на банката, и бизнисмените Томе Главчев и Ратко Димитровски кои се товарат за прибавување имотна корист од пет милиони евра за кривични дела сторени од 2001-вата до 2010 година.
Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите вчера ја отвори истрагата со кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага со која се осомничени вкупно девет лица.