Специјалното јавно обвинителство поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „Талир“. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање наВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата.
„Потенцираме дека со воспоставувањето на надлежност врз предметот преземен од Основно јавно обвинителство Скопје ова Јавно обвинителство, согласно член 5 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, е овластено за поведување и застапување на предметните обвиненија“, наведуваат од СЈО.
Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: лицето Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски за делата Злоупотреба на службената положба и овластување и Перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за делото Перење пари. Политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ исто така се товари за Перење пари.
За Груевски СЈО бара определување на притвор, а за Чингаровска мерка на претпазливост – една неделно да се јавува во судот и одземање на пасошот.
„Во конкретниот случај, на обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит“, пишува во соопштението од СЈО.
Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.
Отакако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинението за изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
„За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75 отсто од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што за правното лице ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 424.733.242 денари, односно 6.906.231 евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582 денари, односно 2.155.668 евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400 денари, односно 815.323 евра“, пишува во обвинението на СЈО.
На ваков начин, а спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.
И кон ова обвинение исто така поднесен е предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски.
Како што ѝ е веќе познато на јавноста, на барање на СЈО, Основниот суд Скопје 1 – Скопје на 31 октомври годинава донесе решенија со кои се замрза имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вкупно 69 објекти меѓу кои и Белата палата.