Обвинителката Ленче Ристоска, повеќе од една година не дава изјави за медиумите за разлика од почетоците на СЈО кога тоа беше вообичаена пракса по судските рочишта. Денеска таа објасни дека се повлекла затоа што таква ПР стратегија донел менаџментот на СЈО.
По вчерашните случувањаа, во текот на денешниот ден таа не се видела ниту контактирала со нејзината шефица, Катица Јанева, но со најголемиот дел од нејзините колеги, застана пред новинарите и испрати неколку пораки до јавноста меѓу кои: дека тие сакаат да го зачуваат интегритетот на оваа институција, дека дејствијата на поединци не го карактеризираат дејствувањето на институцијата, но и оти мора да се почитува презумцијата на невиност, како и дека нивните предмети не се доведени во прашање.
– Денес не стојам во мое лично име тука, туку стојам во име на сите обвинители кои се тука и дел од обвинителите кои се на годишен одмор, Рустеми, Донев и Фетаи. Меѓутоа, стојам и во име на целиот истражителски тим на СЈО и во име на целата стручна служба. Сакам да ве уверам сите, дека наш примарен интерес е зачувување на интегритетот на оваа институција и дека секогаш како тим сме постапувале согласно законските прописи и сме се труделе да бидеме на ниво на задачата со тоа што ќе дадеме одговор на сите прашања кои значат справување со криминалитетот што сме го истражувале. Ве уверувам дека сите постапки кои имаат обвинителни акти и за кои имаме судења, не се доведени во прашање од причина што и моите колеги и јас можеме да тврдиме дека сите постапувања во тие предмети биле во рамки на законските прописи – рече Ристоска.
Таа посочи дека внимателно следат и се загрижени за случувањата, но потенцираше и апелираше да се почитува презумцијата на невиност.
– Се придружуваме и на повикот на државниот обвинител секое лице кое е засегнато од криминалитет, ваквите активности да ги пријави. Сите можни сомненија кои инволвираат поединци или на некој начин ја инволвираат оваа институција не смеат да го доведат во прашање интегритетот на постапките во кои ние имаме постапувано. Верувам дека освен осудителните пресуди досега и во иднина ќе имаме нови – порача Ристоска на крајот од нејзината изјава по што беше „бомбардирана“ со новинарски прашања.
„Не ја ни споменавте Катица Јанева кога кажавте во чие име се обраќате. Дали намерно ја изоставивте?“, беше едно од првите прашање. Таа децидно одговори дека се обраќа во име на оние кои веќе ги наброја.
– Тука сум во мое и во името на тимот на СЈО, кажав кои се точно колегите во чие име се обраќам. Кажав и дека го почитуваме начелото на презумција на невиност. Во однос на детали до истрагата не би можеле да коментираме, тие треба да ги соопшти Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Колку што се сеќавам во изјавата на колешката Русковска немаме имплицитни информации дека специјалната обвинителка е опфатена со таа истрага. Очекуваме и тука сме да ја побараме довербата на граѓаните пред се затоа што досегашната наша работа тоа го оправдала и од друга страна затоа што дејствијата на поединци не го карактеризираат дејствувањето на целокупната институција. СЈО е институција во која работат и обвинители и истражители со висок професионален и личен интегритет – рече Ристоска.
Бидејќи рече дека однесувањето на поединци не се карактеристика за цело СЈО, обвинителката веднаш доби уште едно исто прашање – Дали тоа значи дека се оградувате од Јанева, но сега беше повоздржана во одговорот.
– Ние апелираме сите случувања побрзо да се расчистат затоа што е во наш и во интерес на сите, мораме да ја почитуваме презумцијата затоа што официјалните информации засега говорат дека немаме инволвираност на специјалната јавна обвинителка – рече Ристоска.
Таа не даде директни одговори на прашањата поврзани со Јанева, нагласувајќи дека има активна истрага и оти Обвинителството за организиран криминал и корупција е надлежно за овој случај.
Во пресрет на најавената лидерска средба, обвинителката ги повика сите политички партии да застанат во интерес на граѓаните и да овозможат ова обвинителство да ги спроведе сите истраги кои се во интерес на јавноста.