СЈО изведува писмени докази, ќе сведочат и сведоците на одбраната

772

По вчерашното 11-часовно рочиште, во Кривичниот суд во Скопје утрово продолжи судењето за набавката на блиндираниот мерцедес вреден речиси 600.000 евра. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

На денешното рочиште се изведуваат писмените докази кои Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги набавило во текот на истрагата.

Обвинителите ги читаа насловите на писмените докази меѓу кои: документи за отворена постапка за набавката на блиндирано возило, годишен план за јавни набавки на МВР, изјавите од комисијата за јавни набавки дека немаат конфликт на интереси, понудата од ,,Мак аутостар", копии од електронскиот систем за јавни набавки и другите пристигнати понуди на тендерот, договорите за купопродажба, службени белешки од МВР итн.

Во судот пристигнаа и тројца сведоци предложени од одбраната кои треба да се сослушаат по изведувањето на писмените доказите. Четвртиот сведок не се појави, но одбраната веќе го повлече предлогот тој да сведочи.

Адвокатите имаа неколку приговори во врска со изведувањето докази и барања до судот, но судијката ги одби.

Вчерашното рочиште за овој предмет траеше околу 11 часа, од 10.30 наутро до речиси 22 часот. На него се слушаа прислушувани разговори кои се доказ во постапката.

Претходно, беа отфрлени барањата на одбраната „бомбите“ да не се пуштаат во судница и за изземање на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и судечкиот совет. СЈО тоа го оцени како обид на одбраната на обвинетите за одолговлекување на постапката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...