„Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус“, изјави вчера премиерот Зоран Заев по повод законското уредување на иднината на Специјалното јавно обвинителство.
Веднаш по оваа изјава на Заев, во Скопје и во Тетово се организираа неколку прослави, проследени со пијанки до длабоко во ноќта, во чест на уште една шанса како да се стави под нозе, да се изгази и да се фрли во контејнер она што остана од правната држава во Македонија.
Нема криминалец од крупен формат или политички муфљуз од повисок ранг во партиите во Македонија на кои ваквите изјави на Заев веднаш не му се претвораат во ушите во свечена симфонија за уживање и задоволство. Некои, уште вчера, веднаш по изјавата на Заев, излегоа со свои изјави за поддршка, колку да го држат премиерот за збор, случајно да не се премисли. Бидејќи, се знае тоа како е – штом ќе се спомне зборот „консензус“, почнуваат да се прават долгите листи за пазарење, по што само едно е сигурно: дека криминалот ќе стане уште поисплатлив бизнис во Македонија.
Така беше во секоја прилика до сега, бидејќи после постигнувањето на секој политички „консензус“ за нешто, некој криминалец отпаѓаше од листите на виновни за обвиненијата што им висеа врз глава. Во замена за тие концесии, ќе добиевме некаков закон или некаква политичка придобивка од која никој нема особена корист, освен оние кои, во процесот за постигнување на „консензусот“, целосно или од некој аспект се спасиле од понатамошен правен прогон. И сето тоа во име на засилувањето на правната држава!
Така и сега, ќе се решава иднината на СЈО на начин што институцијата ќе се претопи во структурите на редовното обвинителство, тоа ќе се оправда со непостоењето поинаква уставна и законска можност, на СЈО дополнително ќе му се скрати можноста кривично-правно да ги користи прислушуваните комуникации заради кои и беше формирано, за од него да се направи ординарно и само малку „налицкано“ обвинителство коешто, како избледена меморија, ќе потсетува дека во минатото од неговата работа зависеше опстанокот на македонскиот демократски, па и државен систем.
Што би рекол г. Кристијан Тимоние, францускиот амбасадор во Скопје (во интервју за ТВ21 минатиов викенд), „можеби ќе треба да се затвори тоа досие (мисли на СЈО – м.з.)… сега е време да се прејде во друга етапа… не треба да живееме во минатото, туку да живееме во иднината“. Односно, нема потреба иднината на државата да ја оптоваруваме со криминалите направени во минатото, гонети од СЈО.
Да се прашуваат Французите, Груевски сè уште би бил на власт, а и сега би требало да му направиме свечен пречек за враќање од Будимпешта, а и да го вратиме во кабинетот каде што седеше цела деценија. Ама, не се прашуваат Французите.
Се прашуваат Американците. Тие, повторно, ќе се заземат за идниот статус на СЈО. Ќе спасуваат што може да се спаси, со притисок врз сите страни, бидејќи во македонската политика, како што многу пати е веќе кажано, единствениот консензус што реално постои (и е под кодно име „Превара“) е СЈО да исчезне, да го снема, името да не му се спомнува.
Дали СЈО заминува во историјата? Веројатно. Иако ќе мораат уште малку да се помачат за тоа.
Извор: Цивил медиа