Никола Груевски како што ни е познато не ни е присутен денеска, рече судијата Османи Шабани на почетокот на денешното рочиште за случајот „Титаник“ во кој екс премиерот е првообвинет.
Судијата утрово дознал и дека Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се во притвор, па немал време да издаде наредба да се спроведат од затворот во Шутка. Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова повтори дека причината за барање притвор е опасноста од бегство и предупреди дека во иднина ќе побара притвор за сите за кои постои таква опасност. На Никола Груевски побара да му се суди во отсуство и ги објасни причините.
– Особено важни причини постојат бидејќи во овој предмет се суди против организирана криминална група за извршени кривични дела против изборите и гласањето, во која Груевски е организатор. Сите докази во постапката за обвинетите се во целина и не е целисходно никакво раздвојување на постапката, од друга страна не постои дејствие на извршување кривично дело кое е наведено во обвинението а притоа да не е Никола Груевски – рече обвинителката.
Адвокатскиот тим на Груевски се противеше на барањето за судење од отсуство бидејќи, како што рече Еленко Миланов, со ваквиот предлог се кршат сите законски предвидени права на обвинетиот да има можност да се изјасни за фактите и доказите што го товарат со оглед дека во овој момент постапката е во фаза на изведување докази. Тој наведе и други причини меѓу кои и тоа што на Груевски му се ускратува можноста самиот да ги испита сведоците против него.
– Како ова право законски ќе му биде овозможено ако му се суди во отсуство? Сметам дека не се исполнети ниту другите основи од законот – рече Миланов.
Предлозите ги поддржаа и останатите адвокати, Боро Тасевски и Димитар Дангов. Тасевски се осврна и на притворот за Јанакиески и Божиновски велејќи дека нема причини за такви мерки за обвинетите.
– Очигледно во овој предмет се преземаат понатамошни и дополнителни репресивни мерки спрема обвинетите на предлог на СЈО за кои детално и пообемно очигледно одбраната во овој момент не може да се произнесе бидејќи за истата не е официјално известена туку информациите ги добива од медиумите и од тоа денеска што се кажува на расправата. Го задржуваме правото за истото понатаму да се произнесеме – рече Тасевски.
Ново судење за „Титаник“ судијата закажа за 23 ноември кога судот ќе ја соопшти одлуката дали на бегалецот Груевски ќе му се суди во отсуство или не.