СЈО бара Камчев со полиција да го донесат за да сведочи во „Тортура“

519

Судското рочиште за предметот „Тортура“ кој се однесува на начинот на апсење на Љубе Бошкоски во 2011 година, кое беше закажано за утрово се одложи. Причината е што еден од обвинетите припадници на „алфите“, Метуш Шабани, не дојде на судењето бидејќи го повредил коленото.

Неговиот адвокат достави медицинска документација и рече дека обвинетиот не може да се движи бидејќи му е изместена чашката.

Покрај него, не се појавија ниту тројцата сведоци кои беа планирани за денеска. Меѓу нив се бизнисменот Орце Камчев, за кој судијката рече дека лично ја примил поканата. Бидејќи ја примил поканата, а не дојде, обвинителот од СЈО, Љубомир Лапе, побара за наредното рочиште тој да биде присилно приведен со полиција за да сведочи.

Судијката Александра Ристевска рече дека ќе издаде наредба до полициска станица, а ако во меѓувреме тој даде оправдување за непојавувањето, ќе ја повлече наредбата.

За уредно примената покана, пак, која ја доставил судскиот курир, адвокатите приговараа дека не се сигурно оти тоа е потписот на Камчев.

Денеска требаше да сведочат и новинарката Оливера Трајковска и поранешниот портпарол на МВР, Иво Котевски.

Ни за нив нема доказ дека поканата им е уредно доставена, па ќе се обидат повторно да им ја достават на адресите.

Во „Тортура“ првообвинет е поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, втор е Ивица Анчевски Пуки и уште петмина припадници на „алфите“. СЈО ги гони за начинот на кој во 2011, ден по парламентарните избори, лидерот на Обединетите за Македонија, Љубе Бошкоски, беше уапсен во акцијата „Кампања“. Следното рочиште судијката го закажа за 5 јули.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...