СЈО, баксуз невиден!

3918

Какви времиња дојдоа, Крсто Мукоски и дружината да ја решаваат судбината на СЈО! Да мора и еден Мицкоски да оди да ги моли заедно да го уништат овој правосуден експеримент кој во одреден момент – не е претерано да се каже – одигра улога да ја врати Македонија од работ на комплетното губење на довербата во иднината и на државата и на каква-таквата демократија во неа.

Којзнае што им ветува лидерот на опозицијата на „предавниците“ по кои, само пред неколку месеци, ги фрлија сите дрва и камења со кои располагаа околу обидот да го спречат усвојувањето на Договорот од Преспа и приемот на Македонија во НАТО. Можеби им ветува дека ќе ги вратат во партијата, со сите чести и почести? Можеби им ветува дека ќе ги стави на кандидатските изборни листи и на следните парламентарни избори кои, имено, би се случиле многу поскоро доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да го избрише СЈО од регистарот на „фирми“ (заведена под графата „компанија со мешовит, домашен и странски капитал“) во македонскиот правосуден регистер? Или оди за во детали да ги потсети дека половина од бившото раководство на партијата е под сомнение или со активни обвиненија за сторени тешки кривични дела од областа на организираниот криминал…

Како тоа Мукоски и неговата амнестирана дружина да не го знаат: „По тоа прашање чукаш на отворена врата“, веројатно му рекол Крсто на Христијан, половина на шега, а половина на зафрканција, бидејќи за таа работа не ни може да се води сериозен муабет со организаторот на повиците токму овие пратеници да бидат линчувани во своите домови кога решија со своето гласање, спасувајќи се себеси, да ја спасат и Македонија. Или беше обратно?

Бидејќи шефот на пратенициве е во притвор, а шефот на Мицкоски е во Будимпешта, можеби на средбата си размениле телефони за да се посетат во првата згодна, наредна прилика, на некое пропатување, со цел да си поприкажат за минатите, добри времиња? Едниот чека пуштање од притвор, другиот екстрадиција од Унгарија, може и да се сретнат некаде на пол пат…

Од другата страна, пак, стои Заев кој, со упорност на мазга, тврди дека договор и за СЈО ќе се постигне. Мислиш слеп е при очи, оти од ова што се гледа, јасно е дека на две третини од Собранието, а не обратно, им одговара СЈО да го нема.

Но, сите знаеме колку е опасно тој неоснован оптимизам кај премиерот повторно да се потцени. Кога му тргна од 2014 година наваму – сакаш ли „бомби“, сакаш ли преговори во Пржино, сакаш ли добивање мандат од Иванов, сакаш ли формирање влада, сакаш ли договор и со Грција и со Бугарија, сакаш ли уставни измени, сакаш ли ДУИ… – Заев уште не може да го исклучи „багерот“ со кој го рамни теренот пред себе остварувајќи ја победоносната агенда и за себе и за својата партија. Едно чудо поддршка изгуби во меѓувреме, и пак не се предава, запнал да ја среди државата и наспроти комоцијата на повеќето граѓани да си живеат во самосожалување дека подобро, на овој свет, не се може.

Мора да е Мицкоски со таа страотна мисла на ум појден кај „предавничките пратеници“ за кои тврдеше и бараше историјата да ги осуди до седмо колено, и наназад и нанапред, со бапски клетви пострашни и од закани со активирање банкарски гаранции. Бидејќи маката на Мицкоски е голема: ако сега, пред избори, не го урниса СЈО и на Заев му појде од рака да ја протне Јанева низ „иглените уши“ на правосудните реформи – велам, невозможна мисија според сите здраворазумски собраниски политички математики – тоа ќе биде лош знак и за самиот исход на изборите, таман кога изборните анкети покажуваат дека и поразот ќе може да се толкува како победа, макар и за внатрепартиски цели.

Да, да, СЈО, баксуз невиден!

Извор: Цивил медиа

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...