СЈО анализирало 476.249 смс пораки од 834.374

266

Пресуди против три лица во два предмета, поднесувањето две обвиненија во предметите „Тали“ и „Талир 2“, како и отворање осум нови истражни постапки против вкупно 64 лица. Ова, меѓу другото, е наведено како покарактеристично во седмиот шестмесечен извештај за работата на СЈО во периодот од 15-ти септември 2018 година до 15-ти март 2019 година.

Во извештајот на 103 страници објавен на веб страницата се наведени сите активности во измнинатите шест месеци.

Специјалното јавно обвинителство во извештајниот период презел 2.257 активности и дејствија во предистражни постапки. Во однос на истражните постапки биле прземени 2.202 дејствија и активности. Јавните обвинители учествувале во вкупно 222 постапувања пред судовите, за предметите на СЈО се одржани 157 рочишта, а 67 биле одложени.

Од 606.555 аудио фајлови со кои располага СЈО до поднесувањето на овој извештај биле анализирани 582.293 или 96 проценти од вкупниот број.

Во извештајниот период акцент бил ставен на анализа на 834.374 СМС пораки од кои се обработени 56 проценти, а била извршена анализа на доставениот хард диск од канцеларијата во УБК што ја користел Ѕвонко Костовски.

-И покрај донесеното правно мислење на Врховниот суд во однос на постапувањето на СЈО, како и повикувањето на ваквото мислење од страна на дел од осомничените и нивните бранители, евидентно е дека ова Јавно обвинителство постапува исклучиво во рамки на своите законски овластувања во рамки на предметите кои ги води, се наведува во извештајот од СЈО.

Целокупното финансиско работење на Јавното обвинителство и во овој извештаен период се движи во рамки на одобрениот буџет како за 2018, така и за 2019 година. Од одобрените средства за 2018 година во периодот од 15.09.2018 година заклучно со 31.12.2018 година реализирани се средства во вкупен износ од 76.437.440,00 денари или 33,43 отсто. Вкупната реализација на одобрениот буџет за 2018 година, заклучно со 31.12.2018 година изнесува 195.321.542,00 денари денари или 85,43 отсто од
буџетот на ова Јавно обвинителство.

Од одобрениот буџет за 2019 година во вкупен износ од 228.633.000,00 денари, во периодот од 01.01.2018 година, заклучно со 15.03.2018 година реализирани се средства во вкупен износ од 37.161.139,00 денари или 16,25 проценти од одобрениот буџет за 2019 година.

Од СЈО посочуваат и дека во текот на овој извештаен период подготвеноста на поголем дел од институциите да соработуваат со ова Јавно обвинителство во рамки на законски предвидените обврски продолжи и од тие причини изразуваат уверување дека ваквата пракса на соработка како на домашно ниво така и со меѓународните институции ќе биде интензивирана во претстојниот период.

– Очекуваме во претстојниот период конечно да бидат донесени законските решенија со кои ќе се регулира положбата на ова Јавно обвинителство во јавнообвинителскиот систем на Република Северна Македонија како самостојна институција која ќе има автономност во постапувањето по делата од негова надлежност и гонење на кривични дела на корупција од висок профил. Сметаме дека сето погоре наведено ја наметнува неопходноста од задржување на автономноста на ова Јавно обвинителство и
обезбедувањето на потребните средства за темелно истражување и гонење на сериозниот криминал особено на корупцијата од висок профил предвидена како надлежност на ова Јавно обвинителство. Несомнените капацитети и кои ги поседува ова Јавно обвинителство како и стручното знаење и искуствата стекнати во борбата против корупцијата од висок профил и перење на пари се рефлектираат и во меѓународните заложби за опстојување на ова Јавно обвинителство како независна институција која не само што има исклучително важна улога во процесот на обезбедување на целосно владеење на правото, туку и претставува еден од клучните механизми во интегративните процеси и предусловите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија и НАТО, се наведува во заклучоците на седмиот Извештај за работата на СЈО.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...