Поминаа повеќе од 12 часа по несреќата во која се урна хеликоптерот на газдата на фидбалскиот клуб Лестер, но сѐ уште нема официјални информации за жртви и за тоа кој бил во хеликоптерот. Хеликоптерот синоќа се урна веднаш по полетувањето од стадионот „Кинг Пауер“ непосредно по натпреварот меѓу Лестер и Вест Хем.
Би-Би-Си, повикувајќи се на извори од семејството на тајландскиот милијардер, објави дека во него бил и сопственикот на клубот Вичаи Шриваданапраба. За него вообичаена пракса била да доаѓа и да си оди од натпреварите на неговиот клуб со хеликоптер.
Дел од медиумите пишуваа и дека таму била и неговата ќерка, а некои објавија и оти наводно имало четири жртви, а меѓу нив бил менаџерот на Лестер, Клод Пуел. Меѓутоа, тој ги демантираше ваквите информации и се огласи на социјалните мрежи.
„Сакам да кажам дека не бев во хеликоптерот и дека сум добар“, напиша Пуел изразувајќи жалење за трагедијата.
Според очевидци иако хелкоптерот без проблеми полетал, леталото набргу потоа почнало да паѓа и при ударот на земјата веднаш се запалило.
Врз основа на првичните информации хеликоптерот имал проблеми со задниот ротор.
Властите најавија дека денеска ќе соопштат детални податоци за инцидентот и за бројот на преживеани и загинати.