Сѐ повеќе и сѐ помлади мажи имаат проблем со импотенција

Благодарение на денешните кампањи како и „герила“ маркетинг за одбележување на месецот на машко здравје, во овој период бележиме процентуална зголеменост на бројот на мажи кои се јавуваат на преглед кај уролог. Еректилната дисфункција не треба да биде табу-тема во општеството. Во спротивно, криење на истата, одложување на третманот или обидувања таа да се игнорира или скрие, може да води кон подлабоки фрустрации и влошување на состојбата на пациентот, бидејќи психогената компонента во оваа патолошка состојба е доминантна во најголемиот број случаи.

1169

Во чест на Месецот на машкото здравје – Мовембер моторџии возат трки и донираат средства за зголемување на свеста кај мажите, ординации даваат попусти за уролошки прегледи… За кој проблем најчесто се јавуваа пациентите кои завчера чекаа пред амбулантите на Клиниката за урологија, додека во една од нив прегледуваше и д-р Александар Трифуновски, уролог.

Во пораст е бројот на пациентите кои се јавуваат на преглед кај уролог и тоа, во најголемиот број случаи, поради заболување на простата, бенигни и малигни заболувања на уринарен тракт, инфекции, калкулоза и други заболувања на уро-гениталниот систем – вели во интервју за Плусинфо д-р Александар Трифуновски, уролог на Универзитетската клиника за урологија во Скопје.

Како во Македонија го дочекуваме Месецот на машко здравје? Имаше ли некој маж што е дојден без симптоми и без некој здравствен проблем, туку затоа што слушнал за Мовебмер, па решил да направи контрола на простата? 

– Иако во значително помал број, сепак постои одреден процент од машката популација кој се јавува на редовен уролошки преглед, без присуство на тегоби и објективни знаци или какви било нарушувања. А и скринингот, како метода препорачана од матичен лекар за редовно следење на здравствената состојба, е се поприсутен. Благодарение на денешните кампањи, како и гериламаркетингот за одбележување на месецот на машко здравје, во овој период бележиме процентуална зголеменост на бројот на мажи кои се јавуваат на преглед кај уролог.

Во преполната чекална на Урологија забележав главно постари мажи кои зборуваа дека дошле на уролог дури откако им се јавил некој проблем.

– Кај нас, како резултат на постоечките навики и традиции, слободно можам да констатирам, дека пациентите најчесто се јавуваат на преглед при постоење на одреден здравствен проблем кој веќе има земено замав и тегобите, како субјектвните така и објективните, најчесто може да се нотираат, да се квалификуваат и квантифицираат преку дијагностичките методи. Но, како што споменав и претходно, има одреден број лица кои првпат се јавуваат за проверка, без да почувствуваат било какви здравствени проблеми.

Порано имаше случаи жените да ги носат мажите на уролог. Имаме ли уште такви примери?

– Имајќи предвид дека станува збор за сензитивна тема од интимна природа, најчесто пациентите сами се јавуваат на лекарски преглед или бараат консултација од стручно лице, но секако постојат и такви случаи каде партнерот е иницијатор или морална поддршка за преглед или евентуална интервенција.

Од што мажите се срамат па ретко или воопшто не одат на лекар уролог или андролог? Има ли некој што Ви избегал од ординација кога сте требале да му направите некој специфичен преглед?

– Најчесто незгодни за дискусија се темите поврзани со сексуалниот живот на пациентите и нарушувањата кои се јавуваат притоа. Еректилната дисфункција е често присутна состојба и таа сѐ повеќе е застапена кај помлади мажи. Исто така и инфертилитетот, односно неможноста за зачнување на плод е дијагноза која низ годините се провлекува кај младата машка популација.

Што се однесува до вториот дел од прашањето, иако прегледите кај уролог се специфични сами по себе и неретко непријатни за пациентот, сепак станува збор за возрасни мажи и такви случаи досега не сум сретнал.

Зошто е важен овој и сите други прегледи што ги назначува уролог – ЕХО и други? Се спасува ли најчесто и животот со навремените и редовни прегледи?

– Сите болести и патолошки состојби доколку се откријат на време и во ран стадиум се курабилни – излечливи. Токму затоа се потребни и корисни скрининг-методите. При заболувања на простатата, на пример, кај возрасни мажи постари од 45-50 години потребно е еднаш годишно (доколку има потреба и почесто) да се проверува ПСА – простата специфичен антиген. Со овој преглед се овозможува откривање на ова заболување во ран стадиум, при што шансите за излекување се драстично поголеми.

Дали мажите се јавуваат кај Вас на преглед и поради сексуални проблеми – со ерекција, на пример? Бараат ли совети за подобар сексуален живот или можеби и да им препишете и таблети како „вијагра“? 

– Да. Еректилната дисфункција е, повеќе би кажал патолошка состојба која бара пристап, дијагностика и третман како сите други патолошки состојби. Затоа и не треба да биде табу-тема во општеството. Во спротивно, криење на истата, одложување на третманот или обидувања таа се игнорира или скрие, може да води кон подлабоки фрустрации и влошување на состојбата на пациентот, бидејќи психогената компонента во оваа патолошка состојба е доминантна во најголемиот број случаи. Токму затоа, од особена важност е и пристапот кој лекарот го има кон пациентот и довербата која ја стекнува при разговорот.

А дали доаѓаат на лекар кога ќе забележат некоја промена на тестисот, тегоба при мокрењето или нешто друго?

– Секоја субјективна тегоба (отежнато мокрење, болка,…) како и објективен знак (крв во урината, измокрување на калкули, деформитет на тестисот…) претставуваат понекогаш и алармантни знаци кои го упатуваат лицето на уролог. Полесно е, доколку се работи за органи кои се надворешно достапни за физикален преглед, или станува збор за присуство на знаци кои самиот пациент може да ги евидентира. Во спротивно, може во отсуство на тегоби болестите да се развиваат скриено и да се откријат, кога се веќе, за жал, во напреднат стадиум.

Ракот на простата најчест карцином кај мажите

На кое место е ракот на простата како причина за смртност кај мажите во Македонија? 

– Карциномот на простата, според зачестеноста на појавување претставува петта малигна болест во светски рамки, а воедно и најчест карцином кај лицата од машки пол. На овој вид карцином отпаѓа 11,7 отсто oд сите новодијагностицирани карциноми, Македонија, како европска земја, го следи овој тренд. Инциденцата на карциномот на простата бележи постојан пораст, како резултат на продолжување на животниот век кај мажите и воведување на нови дијагностички методи. Според податоците на СЗО, карциномот на простатата е и шеста најчеста причина за смрт кај машката популација.

Кога некој маж треба да се јави на уролог за редовен преглед, а кога веднаш да дојде, за да се заштити од непријатни изненадувања како рак на простата?

– Секој маж над 45 до 50-годишна возраст, независно од тоа дали има или не некакви тегоби поврзани со уро-гениталниот систем, потребно е да прави редовни контролни прегледи (ПСА маркер, ЕХО и сл.). Карциномот на простата е најчесто асимптоматско заболување и неговата детекција е токму преку скрининг-методите. Додека бенигна простатична хиперплазија е проследена со нарушување во актот на мокрење: ноќно мокрење, отежнато мокрење, прекинат млаз, капење и слично.

Заклучно на горенаведеното, водејќи сметка за своето здравје, мажите, освен практикување на редовните скрининг-контроли, потребно е задолжително да се јават на лекар и при појава на првични тегоби.

Дали Македонија го следи светскиот тренд во урологијата по современа опрема за дијагностика, воведување нови хируршки процедури и дијагностички методи?

– Повикувајќи се на општо-прифатените методи во урологијата, како и на дијагностичката, конзервативната и оперативната пракса на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, можам да констатирам дека Македонија успешно ги следи трендовите во однос на современоста и квалитетот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...