Фудбалерот Стевица Ристиќ му дал на Бојан Јовановски Боки 13-ка позајмица од 125.000 евра, рече адвокатот Сашо Дуковски на денешното рочиште за предметот „Рекет“ и приложи документ според кој парите му биле дадени на заем во август 2017 година.
Тој претходно приложи и изјава дека и денешниот сведок Александар Радуловиќ му дал пари на Боки. Радуловиќ изјави дека на Јовановски му дал 150.000 евра, а во текот на две години тој и неговата сопруга Марина Туцаковиќ учествувале и во кофинансирање на Боки во проектот 1ТВ.
Јовановски, како што образложи Дуковски, добил пари и од продажба на недвижен имот од неговата баба Евгенија. За тој имот прикажа нотарска документација и документи за денационализација на имот од која добил 300.000 евра.
Дуковски рече дека преку фотографии ќе докаже дека најголемиот дел од запленетата гардероба Јовановски ја купувал во текот на годините и тоа почнувајќи од 2013 година, а не како што претходно тврдело Обвинителството, во периодот во кој го извршил кривичното дело.
Судењето продолжува следната недела, кога се очекува да почне сведочењето на одбраната на поранешната обвинителка Катица Јанева, откако претходно Дуковски ќе ги образложи материјалните докази што ги најави.