Суспендиран е наставникот – насилник што истепа ученик со стап

610

Наставникот кој пред два дена со дрвен стап натепал ученик во основното училиште „Живко Брајковски“ е суспендиран додека не се расчисти случајот, велат во општината Бутел.

За насилството кое ги вознемири родителите и јавноста, во општината Бутел велат дека  биле информирани пред два дена и дека ученикот веднаш бил однесен на лекар, кој пак откако констатирал видливи траги од удари со стап по рацете и вратот на момчето го пријавил насилството во полиција. МВР потврди дека настрадал 13 годишен ученик, кој со стап бил тепан од неговиот учител, а како што дознаваме, тепачот бил наставник по албански јазик и книжевност.

– На 8 мај 2018 година, градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски и Одделението за јавни дејности, беа известени за физичко малтретирање на ученик од страна на наставник во основното училиште „Живко Брајковски“. Помошник-директорот и педагогот на училиштето веднаш го информирале родителот на ученикот и го повикале во училиштето. Извршен е разговор со ученикот, родителот и наставникот. По разговорот, родителот го однел ученикот во здравствена установа, каде што е извршен преглед и е утврдено дека ученикот има видливи повреди. По извршениот преглед, по службена должност лекарот го пријавил случајот во МВР од каде што ги посетиле родителот и училиштето за прибирање информации и изјави од службите и од одговорните лица – велат од Општината Бутел.  

Оттаму додаваат дека согласно Законот за основно образование и Законот за работни односи, раководниот орган на основното училиште истиот ден донел одлука за суспензија на наставникот до конечното решение, а според мислење на дисциплинска комисија, конституирана на седница на училишниот одбор.

-По добивањето на дописот од раководниот орган на училиштето на денот на настанот, градоначалникот на Општина Бутел и Одделението за јавни дејности, согласно ингеренциите, го известија Министерството за образование и наука, односно Државниот просветен инспекторат (ДПИ), со допис, во кој остро се осудува постапката на наставникот. Од ДПИ бараме да се направи увид на самото место на случувањето од страна на задолжени лица. По увидот, да се дадат насоки за понатамошно постапување, односно раководниот орган и службите во основното училиште строго да се придржуваат кон препораките и задолженијата што ќе ги даде Инспекторатот како надлежен орган, согласно законот и прописите – препорачуваат одговорните во општината Бутел.

Министерството за образование и наука вчера го осуди индицентoт во основното училиште „Живко Брајковски“, и нагласи дека очекува соодветни санкции за наставникот.

-Веруваме дека секоја ситуација и конфликт може да се разреши по мирен пат, со разговор, а не со физички пресметки и напади. Штетата е уште поголема што не станува збор за инцидент помеѓу ученици, туку помеѓу наставник и ученик. Апелираме до сите наставници и ученици, проблемите со кои се соочуваат, конфликтите, да ги решаваат во присуство и со помош на психолошко-педагошката служба во училиштата, како и во присутво на родителите и раководните лица на образовната установа – порачаа од Министерството за образование.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...