Суд на правдата: Велика Британија да ги врати островите на Маврициус

170

Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) објави дека Велика Британија треба да ги врати островите Чагос во Индискиот Океан на Маврициус, додавајќи дека Велика Британија неправедно го протерала населението од островите во 70-тите години од минатиот век за да овозможи изградба на американска воздухопловна база на островот Диего Гарсија.

Велика Британија го одвои архипелагот од колонијалната островска територија на Маврициус во 1965 година, три години пред да му даде независност на Маврициус, без тие острови.

– Судот заклучи дека деколонизацијата на Маврициус не била спроведена во согласност со правата на луѓето за самоопределување и дека континуираното управување на Обединетото Кралство со Чагос е неправеден чин кој ја носи меѓународната одговорност на таа држава, се наведува во заклучокот на ИЦЈ.

Премиерот на Маврициус, Правинд Југнаут рече дека ова е „историски момент на Маврициус и неговиот народ, вклучувајќи ги и жителите на Чагос, кои неправедно беа избркани од своите домови и им беше спречено враќањето во последните 50 години“.

– Нашиот територијален интегритет сега ќе биде целосен. Кога тоа ќе се случи, народот на Чагос и неговите потомци ќе можат да се вратат во своите домови, истакна Југнаут.

Островот Диего Гарсија одигра клучна улога во конфликтите со Ирак и Авганистан од 1991 година, кога служеше како место за полетување на американските бомбардери. САД и Обединетото Кралство гласаа против резолуцијата на ОН, со која се бараше мислење од судот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...