Без оглед дали воопшто ќе има и каква ќе биде амнестијата за настаните од 27 април лани, немам дилема дека станува збор за обид за државен удар, што мора да се расветли во судскиот процес што е во тек и кој мора да заврши со утврдување на целосната вистина. А тоа подразбира да се откријат и да се судат и нарачателите и наредбодавците на операцијата, која е голем срам за модерната македонска држава, а ќе беше уште поголем ако пучот успееше.
Но, јас очекував овој процес, како и сите други чувствителни судски процеси, посебно тие за обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство, да го покажат новиот лик на македонското правосудство – брзи и квалитетни истраги, силни и валидни докази, професионално и непристрасно судење, бескомпромисно почитување на правото на одбрана и на другите елементарни човекови права на секој обвинет. За жал, барем што се однесува до судењето за 27 април, кое го води судијката Добрила Кацарска, морам да кажам дека сум разочаран. Реакциите на дел од стручната јавност ме поттикнаа моето разочарување од поставеноста на судот во овој случај (да не генерализирам, иако би имало многу нешта да се кажат и за други случаи) да го споделам и јавно.
Неспорно е дека законот дозволува судијата во расправата да поставува прашања, но во согласност со неговата улога на непристрасен арбитар помеѓу обвинителството и одбраната, на кои паѓа главната обврска да изведуваат докази, да ги испитуваат обвинетите и сведоците и така да се дојде до вистината. Судијата не смее да ја преземе улогата на обвинител и да биде во центарот на вниманието. Напротив, тој мора да демонстрира највисоко ниво на непристрасност и да обезбеди почитување на процесните права на сите странки.
Внимателно го прочитав испитувањето на сведокот Трајко Вељаноски од страна на судијката Кацарска. Се разбира, Вељаноски тешко може да предизвика било чија емпатија, но однесувањето на судијката е она што вистински вџашува – таа и директно и вкрстено го испитува сведокот, коментира, па дури и донесува заклучоци. Како во она божемно прашање, кога таа на сведокот му вели: „Единствено за што се грижевте вие на 27 април лани беше некој да не седне на вашето место“. Просто неверојатно!
Ваквото однесување на судијката Кацарска многу сериозно ја доведува во прашање непристрасноста на судот и го повредува начелото на презумпција на невиност на обвинетите. После вакви „прашања“ и коментари, обвинетите уште сега знаат каква ќе биде пресудата и нивната одбрана губи секаква смисла. Со тоа и судењето губи смисла, бидејќи се претвора во инквизиција како во темниот Среден век.
Кога човек гледа вакви работи, неизбежно се прашува – по што се разликува ова сега од времето на Груевски? Страшно е тоа прашање и верувајте, тоа ги убива и желбата и надежта за промени. Искрено верувам дека голем дел од нашите судии се чесни луѓе, кои сакаат својата работа да ја вршат според највисоките стандарди на својата професија. Но, ако едно од најважните судења денес се спроведува според начелото „кадија те тужи, кадија те суди“, тоа е моќна порака до сите судии за тоа како треба да се однесуваат во иднина. Имено, баш така како што не треба.
И после, се чудиме зошто немаме реформи во оваа област и зошто судската професија се девалвира, а граѓаните губат доверба во најважната државна институција што треба да осигура законитост и правда. Како велевме – нема правда, нема мир! За ваква правда ли се боревме?! За ваков мир?!