Судскиот совет ќе одлучува за евентуалната инволвираност на судијката Добрила Кацарска во предметот „Империја“, изјави денеска претседателот на Советот, Киро Здравев.
– На 31 јануари до Судски совет е испратено барање од Добрила Кацарска за утврдување инволвираност во овој предмет. Ова е прв пат судија да бара покренување постапка за утврдување одговорност и ќе постапуваме по тоа – изјави Здравев, одговорајќи на новинарско прашање на денешната презентација на анализата за работата на Судскиот совет.
Кацарска побара од Советот да ги провери тврдењата на обвинителката Лиле Стефанова искажани на рочиште за случајот „Рекет“ дека судијката додека се одлучувало за притворот на Орце Камчев, цело време била во судот и вршела притисок преку колега обвинител.
На новинарско прашање за колку судии испратиле барања до Антикорупциска за проверка на имотот, Здравев посочи дека е неопходно да се сораборува, со оглед дека Советот може да постапува по отчетното и одговорно работење на судиите, додека Антикорупциска може да го испитува финанаискиот дел од работењето на судиите.
– За апелација е завршена и запрена постапката, а за Врховен суд е во тек – изјави Здравев.