Судот ќе чека потврда дали професори од ФЕИТ можеле да го вештачат автобусот од Ласкарци

249
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Дали Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) може да врши судско вештачење или не, е прашањето поради кое се прекина денешното судско рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци.

Во судница попладнево се појави професорот од ФЕИТ, Јосиф Ќосев.

Со извадени делови од системот за мерење брзина, тахографот од автобусот и со спремна презентација на лаптоп, тоj требаше да го презентира извештајот од вештачењето, но адвокатите од одбраната се побунија. Еден од адвокатите приговораше дека проверил и дека вештакот нема лиценца од Министерството за правда за судски вештак.

– За мене беа сосема очекувани вакви приговори. Но, присутниот професор не е ангажиран како физичко лице, туку имаме доказ на кого е дадено вештачењето. Се работи за комплексен настан и вештачењето е доверено на високообразновна установа која е државна. Вештакот не е овде како физичко лице, туку како дел од установата која ги исполнува формалните аспекти за вештачење – реплицираше обвинителот Дарко Јакимовски.

Адвокатите посочија и дека законот налага дека судско вештачење може да прави институција во која има барем двајца лиценцирани вештаци, а обвинителот посочи дека во ФЕИТ има такви професори, но судот реши да го одложи рочиштето додека да добие писмена потврда од факултетот.

– Делумно ги прифаќаме приговорите. За судот не е спорно дека наредбата е испратена до институција, до ФЕИТ, како и дека вештиот наод и мислење е доставен од оваа институција. И денеска присутниот професор е како претставник на оваа институција и за истиот не е потребно да има лиценца за да може да го претстави изготвениот вешт наод. Меѓутоа, судот смета дека е потребно да се утврди дали оваа институција поседува најмалку две лиценцирани вешти лица поради што судот писмено ќе се обрати до оваа институција и ќе утврди дали овој вешт наод или мислење може да се изведува како доказ – рече судијката Дијана Груевска Илиевска.

Професорот Ќосев следен пат во судот треба да се појави на 28 ноември, а тогаш покрај него ќе сведочи уште еден вештак, но психијатар.

Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени.

Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...