Судењето за уривањето на „Космос“, објект во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски никако да почне – и денеска по трет пат беше одложено, откако се смени составот на судечкиот совет што повлече процесот да се врати на почеток.
Додека во судницата во Кривичниот суд со денови трае надмудрувањето на адвокатите и судијата Огнен Ставрев, очигледно е дека никој не сака да го отвори прашањето кој ќе ја понесе одговорноста што поради промена на поротничка на која ѝ истече мандат, судењето се враќа на почеток. Наместо да се лоцира и да се казни виновникот, овој процес и понатаму го напаѓаат старите судски болести – минатата недела на судењето не дојде еден од обвинетите, поранешниот градоначалник Тони Трајковски затоа што не добил уредна покана. Со неуредната судска достава, како што неофицијално дознавме денеска се соочила и обвинителката Лиле Стефанова, сведок во „Рекет“, но таа сепак дојде на судењето, откако телефонски исконтактирала со обвинителктата Вилма Русковска.
Обвинетиот во „ТНТ“ Трајковски судењето го одлагаше и поради влошена здравствена состојба. Претходно не се појави во судница затоа што беше натепан при прошетка низ Скопје. Во врска со лоцирање на одговорноста за пропустот поради кој дојде до повторување на постапката во „ТНТ“, но и на судењето за петкратното убиство кај Смилковското езеро, како и на судењата против професори од скопскиот универзитет во случајот „Еразмус“ кој почна од почеток откако еден од поротниците замина на гурбет во Германија, побаравме став од Коалицијата на здруженијата на граѓани „Сите за правично судење“ кои ревносно ги следат судските рочишта.
– Судот е тој кој по службена должност мора да внимава на сите процесни правила, како и на јавниот интерес и заштитата на законите со цел да обезбеди непречен тек на судењата. Оттука, овој пропуст се должи на несоодветното менаџирање и координирање на судските постапки и човечките ресурси од страна на судот. Судот веќе има воспоставено добра пракса во одредени предмети како што се „Тарифа“ и „Рекет“, каде што се назначени и дополнителни судии поротници, со цел да се избегнат ваквите пропусти во текот на судењата, која пракса за жал сѐ уште не е прифатена во сите предмети во кои постои ваков или сличен ризик – велат од Коалицијата.
Според нивната евиденција, за ТНТ вкупно биле закажани околу 50 рочишта. За предметот „Монструм“, кој е почнат пред околу седум години, немаат точна бројка на закажани рочишта. Овој предмет почна одново, при што странките само констатираа дека постапката започнала одново, а претресот продолжи онаму каде што застанал.
Коалицијата во овој момент не располага со податоци колку чини едно судско рочиште или пак цел процес.
Дали крајната цел е одолговлекување и застарување?
– Многу мал дел од предметите, скоро и незначителна бројка се предмети во кои има можност да настапи застареност, па оттука сметаме дека одолговлекувањето на постапките (конкретно за овој мал број предмети) води кон тоа, особено за предметите кои се блиску до застареност и за кои сѐ уште не е донесена првостепена пресуда, а многу подалеку се од правосилна судска пресуда – велат од Коалицијата.
Во активните предмети на СЈО кои се влезени во судска процедура, а во кои досега не настапила застареност, се опфатени кривични дела за кои може да биде изречена и максималната затворска казна, па оттука апсолутната застареност за овие дела настапува по 40 години откако е сторено делото. Иако постојат предмети со кои нашите судови не успеале да се справат во една деценија, сепак во конкретните предмети ризикот од застареност е многу мал, што не значи дека не постојат други ризици и предизвици кои настануваат со дологото траење на постапките.
– Очекувано е јавноста да ги гради своите перцепции врз основа на медиумски експонираните и високо профилирани случаи, но сепак доколку се погледне крупната слика, ќе видиме дека судовите во принцип не се соочуваат толку често со вакви проблеми во други постапки. Напротив, статистиката покажува дека судовите не само што немаат заостаток на предмети на годишно ниво, туку и успеваат да се справат и со заостатнатите предмети од претходните години, односно на годишно ниво да решат повеќе предмети отколку што се примени во тековната година. Ова само го потенцира значењето на овие постапки за формирањето на довербата кај граѓаните во судството. Несмасното справување со овие проблеми, токму во овие случаи придонесува за дополнително нарушување на довербата на граѓаните во судовите и во обвинителствата. За жал, ова не е прв пат да сведочиме отсуство на одговорност и соодветен одговор од надлежните институции. Надлежните сѐ уште немаат преземено соодветни чекори за непостапувањето на обвинителите за овие кривично правни настани, поради што потоа мораше да се формира СЈО, ниту пак за превенирање на слични непрофесионални постапувања во иднина – додаваат од Коалицијата.